Линкови за пристапност

Јолевски: Подготвени сме за зголемен број на бегалци


Напредна Школа за справување со заканите од тероризмот
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:49 0:00

Напредна Школа за справување со заканите од тероризмот

Отворена напредна школа за „Справување со заканата од тероризмот во Југоисточна Европа“

Во јануари 2015 година во споредба со јануари годинава, бројот на мигранти кои доаѓаат во Република Македонија е за десет пати зголемен, а Армијата на Република Македонија е подготвена за прифаќање на зголемен број странски државјани, кажа на отворањето на НАТО - напредната школа за „Справување со заканата од тероризмот во Југоисточна Европа“ министерот за одбрана на Република Македонија, Зоран Јолевски.

Школата во Охрид е дел од програмата „Наука за мир“, за која аплицираа научните институции на Воената академија и го добија грантот да го реализираат овој напреден курс.

„Генералштабот има подготвено неколку сценарија со цел да бидеме спремни во случај на зголемување на бројот на бегалци, кои ќе ја преминат македонската граница, за да се справиме со бегалската криза. Во овој момент имаме околу 180 војници, кои се на редовна база на границата. Бидејќи се подига вториот ред на оградата, имаме дополнителен број на војници. Имаме планови за зголемување на војската до 1.000 лица, ако е потребно, но во овој момент нема потреба од зголемување на бројот на војници на границата. Што се однесува до размената на информации во борбата со тероризмот, таа е мошне значајна. Како што знаете, Европа во последните неколку години се соочи со неколку големи терористички напади, што укажа на потребата на заедничка соработка. Соработката меѓу Воената академија и Универзитетот „Норвич“ продолжува, испративме наши двајца кадети, кои присуствуваат на настава таму. Ќе работиме на бројни заеднички истражувачки проекти во областа на одбраната“, потенцираше министерот Јолевски.

Воената академија на Република Македонија по четврти пат ја добива можноста да организира еден ваков напреден курс, за сите држави од регионот. Како и минатите години, бројката на постојани соработници од повеќе земји е иста.

„Курсот се однесува на актуелна тема, или во овој момент може да се каже, повеќе од актуелна, за тероризмот како глобално зло кое го снајде човештвото, а секако актуелна е затоа што, како што гледате, нашиот регион со бегалската криза, е најчувствителна точка. Пред година дена го потпишавме Меморандумот со Универзитетот „Норвич“ и ја интензивиравме таа соработка, во таа насока го добивме овој проект. Во септември ќе ги дочекаме нивните двајца питомци студенти“, рече Орце Поповски, декан на Воената академија.

Напредната школа е значајна за поголем број земји, не само за Република Македонија. Ова не е само конференција, туку има далеку позначајни цели.

„Како што напомена и македонскиот министер за одбрана, битна е важноста на мрежите, нивното взаемно работење, почнувајќи од владата, полицијата, војската, како и претставници на безбедносните служби, кризниот менаџмент, академската заедница и невладиниот сектор. Најважно од се`, е да се биде подготвен, да се превенира, сите треба да се проактивни, а не да се чека да се решаваат работите ретроактивно. Се надеваме дека ќе успееме да ги објасниме практично најважните моменти, да се разговара за нив и да се најдат на официјален документ како прирачник“ објаснува Проф. Д-р Тревис Мартин од Универзитетот „Норвич“ во САД.

Според Владимир Рајчиќ, шеф на бирото за меѓународна соработка од Црна Гора, регионот од една страна, а цела Европа од друга страна се соочува со една тема, која за жал поради сериозноста, се наметнува како се поактуелна.

„Како што знаете Црна Гора го започнува процесот на преговори за влез во НАТО. Овој курс кој се одржува во Охрид, е од стратешко значење. Доаѓаат млади луѓе да се образоваат како да се створи квалитетна подлога за прифаќање на бегалците“, дополна Рајчиќ.

Марија Сапунџиева, претставничка од академската заедница на безбедносните служби на Република Бугарија, истакна дека бегалската криза е заеднички проблем за целиот Балкан.

„И Република Македонија и Република Бугарија конкретно околу оваа проблематика треба да соработуваат меѓусебно, но и да соработуваат со други држави, како Германија, Данска, Франција, да ги применуваат мерките кои се применуваат во овие земји, откако ќе се депортираат поголема група бегалци, веќе да се затворат границите“, објаснува Сапунџиева.

На школата учество ќе земат 40 претставници на безбедносните служби, кризниот менаџмент, академската заедница и невладиниот сектор од Република Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Словенија, Србија, Хрватска и Црна Гора, како и над 17 експерти од ЕУ, Канада, Велика Британија, САД, Белгија и регионот.

XS
SM
MD
LG