Линкови за пристапност

Пургер: Никој не очекува Македонија сама да се справува со бегалската криза


НАТО започна досега невидена поморска мисија во Егејското Море за справување со шверцот на мигранти и бегалци од турскиот брег. Потегот на НАТО уследи по барање на членките на Алијансата Германија, Грција и Турција за помош во справувањето со најголемата мигрантска криза во Европа по Втората светска војна.

Во исто време македонската армија ја зајакнува жичената ограда долж граничната линија со Грција во обид да го контролира протокот на мигранти низ земјата, додека на а границата беа распоредени мали контингенти на полицајци од неколку европски земји.

Тибор Пургер, професор по политички науки на Универзитетот Рутгерс вели дека немањето на сеопфатна европска политика за мигрантската криза создава проблеми во самата Унија, но и на периферијата:

Тибор Пургер
Тибор Пургер

„И покрај немањето на заеднички пристап, никој не очекува Македонија сама да се справува со проблемот.“

Тој ги критикува одлуките на некои земји од Централна и Источна Европа за поставување огради на нивните границите и за испраќањето на полицајци на македонско грчката граница. Овие акции според него не се адекватни.

„Треба да биде посуштинско од тоа. Оваа е повеќе за театар, посебно од земјите кои не се сакаат да земат поголемо учество во изнаоѓање на решение за кризата.“ вели тој.

Проблемот со бегалците не е национален, регионален или европски, туку глобален, вели Пургер. Затоа тој се залага за поголемо учество на меѓународните организации.

Пургер вели дека треба да видиме поголема улога на ОН, не само УНХЦР, туку Генералното собрание и Советот за безбедност, исто како и лидерство на САД. Тој нуди вакво решение:

„Европската Унија да побара од НАТО заштита на европските граници, не само во Егејското море туку и пошироко во Средоземјето. Исто така да ги заштити турските граници, зашто тоа се и европски граници, а Турција е и членка на НАТО. Само НАТО може да ги приближи земјите - како Турција и Грција, или Грција и Македонија, да соработуваат во справување со проблемот.“

Пургер смета дека без постигнување траен мир во Сирија е невозможно целосно разрешување на бегалската криза.

Според Меѓународната организација за миграции во јануари преку 70.000 мигранти го поминале опасниот пат преку Медитеранот, а преку 400 од нив загинале.

XS
SM
MD
LG