Линкови за пристапност

За трансформација на Скопје и за економијата на Македонија


За трансформација на Скопје и за економијата на Македонија
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:50 0:00

За трансформација на Скопје и за економијата на Македонија

Разговор со Бери Вуд, новинар и економист од Вашингтон, кој деновиве објави напис за Скопје во весникот USA Today

Свежо вратен од Македонија, го замоливме новинарот и економист Бери Вуд, кој значително време има минато на Балканот пишувајќи за регионот по војните кои уследија по колапсот на Југославија, да ни ги пренесе впечатоците од неговата најнова посета.

„Го сакам Скопје. Сум патувал во Скопје повеке од десет години. Овој пат бев шокиран кога пристигнав. Луѓето ми кажуваа дека лицето на Скопје е променето, но не бев подготвен за тоа што го видов“, ни рече Бери Вуд, кој штотуку објави авторски текст за „Барокната трансформација на Скопје – лудило или модернизам?“ во весникот со најголем тираж во САД, USA Today.

Тој вели дека го сака Вардар, „така како што се вие низ центарот. Би рекол - го сакам Вардар како што беше: реката, и Камениот мост, и тврдината над него... Бев шокиран, но не сакав да носам суд. Зашто знам дека има план. Затоа бев таму“, појаснува Буд.

Убеден дека туристите сакаат ова да го видат.

„Има некои работи што мора да ви се допаднат. Ми се допаѓаат новите хотели што се во центарот, за бизнис и за туризам. Што се однесува до зградите, не влегов внатре во многу од нив, но мислам дека не се цврста градба, што е структурален недостаток. Мислам дека Музејот за Холокаустот, каде поминав подолго време, е многу солиден и прекрасно направен. Што се однесува до Археолошкиот музеј, Министерството за финансии, Министерството за надворешни работи, мостот со статуите - отворено е за дискусија. Јас сум убеден дека туристите сакаат ова да го видат. Луѓето ќе дојдат“.

Дали тоа значи дека целта на владата е постигната, Скопје да биде туристичка Мека за регионот, го прашавме нашиот соговорник, кој во написот за весникот вели дека сега Скопје потсетува на Лас Вегас или Дизниленд.

„Мислам дека има многу работи што се позитивни за Македонија. Луѓето се љубопитни за архитектурата. Уживаат во новите згради. Тоа е еден вид тематски парк. Но, вие сакате да минете низ тоа! Сакате да ја видите големата Арка, сакате да ја видите чудесната фонтана! Луѓето се привлечени да дојдат на Плоштадот Македонија, нема дилеми за тоа. Што се однесува до контроверзните елементи, дали зградите се изградени да траат, дали дел од грчката митологија и историја се украдени - тоа може уште повеќе да привлече туризам, зашто луѓето ќе сакаат тоа да го видат. Затоа не сум подготвен да го отфрлам тоа што е направено. Но, мислам дека лицето на градот е толку променето, што старото Скопје засекогаш е отидено.“

Напорите на владата во областа на економијата се првокласни.

Ние со Бери Вуд разговаравме и за економијата на Македонија. Тој имаше убави зборови за постигнатото на владата на Никола Груевски во овој сектор.

„Напорите на владата во областа на економијата се првокласни. Многу висока е оценката од ММФ, од Светската банка. Не зборувам за политика. Зборувам стриктно од економски аспект. Се привлекуваат странски инвестиции. Има голем интерес од авто-секторот. Сеедно дали од Германија или од САД. Некои од тие инвестиции одат во Скопје, а некои во регионот. За тоа се зборува!. Платите се ниски, како што повеќето од вашите гледачи знаат. Тоа може да е предност за инвеститорите ако квалитетот на производството е висок. Градите автобуси во Скопје, различни видови на интериер за автомобили, во Штип и на други места. Што се однесува на макроекономскиот менаџмент, валутата е стабилна. Тоа не е случај низ Балканот. Тие (владата, н.з) добро работат на тој план. Дури и со изградбата на ново Скопје не изгледа дека буџетот е уништен и многу да е оставено на други да го покриваат. Тоа е позитивно. И мислам дека извештајот „Doing Business“ на Светската банка мора да биде споменат. Македонија е 12-та во светот. Тоа не е затоа што Светската банка ја сака Македонија. Македонија е ставена наспроти 150 други држави. Таму стои дека е лесно да се добие дозвола да се започне бизнис, лесно е да се добие телекомуникациска врска за вашата фабрика, лесно е да се пренесе сопственост, лесно е да работите со пари. Ова навистина ја лансираше Македонија меѓу најдобрите во светот. Само Скандинавија е пред Македонија во Европа.

„Јас забележав дека Албанците многу внимателно гледаат на успесите на Македонија во однос на добивањето бизнис. Тоа е плус. Но морам да го кажам ова за макроекономијата надвор од Скопје. Минав време во Битола. Прекрасно место, но очигледно, тие места надвор од главниот град се далеку назад. Секогаш се сеќавам на тоа што еден пријател во Битола ми го кажа: Ние многу работиме за 30 семејства во Скопје да живеат добро. Мислам дека тоа е точно. Појдете во Битола, во Велес и други места, и таму не го гледате просперитетот што започнувате да го гледате во Скопје. Тоа е проблем.

Како Бери Вуд ја гледа Македонија по пет години?

Македонија е подобра отколку што мислев дека ќе биде.

„Со малку среќа, може да се надогради на цврстите економски темели. Мислам дека тоа е возможно. Не можам доволно да нагласам дека Македонија постигна многу повеќе од соседите во смисла на економски макроменаџмент. Тоа е вистински успех. Би рекол, тоа е главниот успех на владата. Но ако се погледнат другите фактори кои влијаат на странските инвестиции ... пред се`, мора да има меѓуетнички мир, мора да има согласност меѓу различните заедници во Македонија, да има правила на игра и стабилна влада. Тоа е голем прашалник. Од друга страна, се разбира дека Македонија никогаш нема да е конкуренција за Србија, која е многу поголема економија, ниту пак со Хрватска, но Македонија може да и` парира на Бугарија, секако на Косово, и на Албанија. Конкуренцијата е добра работа“.

Бери Вуд со нас ја сподели и мислата која го следела на заминувањето од Скопје: „Македонија е подобра отколку што мислев дека ќе биде“.

XS
SM
MD
LG