Линкови за пристапност

Милениумците може да се одлучувачки за изборите


Ова е ново мнозинство во гласачкото тело, но дали ќе излезат на гласање?

Милениумците, млади луѓе родени помеѓу 1982 и 2000-та година, би можеле да имаат поголемо влијание од било која друга група луѓе, кога станува збор за претседателските избори оваа година.

Тоа е затоа што се - многу. Според податоците на Бирото за попис на САД, осумдесет и три милиони милениумци живеат во моментов во државата. Тоа е една четвртина од вкупното население во земјата и ја надминува бројката од 75,4 милиони таканаречени „Бејби Бумерс“, луѓе родени помеѓу 1946 и 1964 година.

Со оваа бројка, Милениумците можат да доминираат на изборите. Но, најчесто тие не гласаат.

Центарот за информации и истражување на граѓанското учење и ангажман од Универзитетот „Тафтс“, проценува дека во 2012 година кога претседателот Барак Обама беше во трка против поранешниот гувернер на Масачусец, Мит Ромни, одзивот на гласачите на возраст од 18 до 29 годишна возраст беше 45 проценти. Историски гледано, младите луѓе имаат најниски стапки на повеќето избори во САД.

Милениумците не сакаат да учествуваат?

Милениумците немаат најдобра репутација. Се сметаат за мрзливи и себични. Но, организациите како „Rock the Vote“, која е најголема непрофитна организација и се обидува да ги собере младите луѓе на гласачките места од 1990 година, велат дека тоа не е така.

Во колумна, претседателката на на „Гласајте“, Ашли Спилан, вели дека други фактори се виновни за слабиот одзив на гласачите, вклучувајќи ги фрустрациите од политичкиот ќорсокак. Експертите тврдат дека недовербата кон политичарите и чувството дека избраните функционери не се грижат за интересите на народот е исто така причина за немотивираност да се излезе на гласање од страна на младината во Америка.

Што ги демотивира Милениумците

Последната деценија, американската политика е поистоветувана со ќорсокак. Демократите и Републиканците во Конгресот не се согласуваат. Републиканците и демократската Бела куќа постојано се во расчекор, па дури и на локално ниво, партиите во легислативата на ниво на сојузни држави не можат да постигнат компромис. Аналитичарите посочуваат дека за време на поголемиот дел од своите животи американските Милениумци се сведоци на расправии и недоразбирање.

Кајли Молер студира право на Универзитетот во Алабама. Таа е симпатизер на Републиканската партија и за време на последните претседателски избори гласала за поранешниот гувернер на Масачусец, Мит Ромни. Член е на Републиканската партија во Алабама и волонтирала за време на републиканската кампања.

„Мислам дека доколку младите луѓе почнат да излегуваат на гласање, не само што ќе можеме да ја промениме политиката туку и целосно да го промениме начинот на кампања на кандидатите“ вели Молер.

Незадоволство од економијата

Дипломираните студенти во 2015-та година се со најголеми долгови до сега во историјата на САД. Според студијата на Марк Кантровиц, публицист на веб-страницата „Едвизорс“ која им помага на родителите и студентите да најдат начин да ги исплатат своите долгови за образование, дипломираните студенти во класата од 2015 година имаат студентски долгови во висина од 35.051 долари. Вкупниот студентски долг во Америка ја надмина бројката од еден трилион долари.

Многу од младите гласачи, после позајмувањето на илјадници долари за своето образование имаат проблем да најдат работа. Оваа комбинација ги обесхрабрува младите луѓе и допринесува да не одат на гласање.

Недоверба

Милениумците не им веруваат на политичарите и институциите на владата. Според податоците на Институтот за политика на Универзитетот Харвард, само 37 проценти од гласачите на возраст од 18 до 29 годишна возраст му веруваат на претседателот. Само 25 проценти ѝ веруваат на федералната влада и 17 проценти на Конгресот.

Американската генерација на милениумци е најголема генерација во историјата на Америка и има можност да игра важна улога во секои избори, ообено претседателските во 2016. Но, младите немаат доверба во денешниот Вашингтон и не веруваат дека со оваа политика можат да се постигнат вистински резултати.

XS
SM
MD
LG