Линкови за пристапност

Ракот на дебелото црево напаѓа помлади


Нова студија покажа дека еден од секои седум пациенти со рак на дебелото црево се под 50-годишна возраст

Нова студија покажува дека ракот на дебелото црево е застапен кај луѓе помлади од 50-годишна возраст, повеќе отколку претходно се мислеше.

Студијата е објавена во весникот „Рак“ и е откриено дека еден од секои седум пациенти со рак на дебелото црево се под 50-годишна возраст. Помладите пациенти имаат тенденција да имаат понапреден рак од постарите.

За студијата, истражувачите следеле 260.000 пациенти дијагностицирани со рак на дебело црево во период од 1998 до 2011 година. Студијата покажала дека 15 проценти од случаите се луѓе под 50-годишна возраст. Но, помладите пациенти живееле подолго со помала можност за обновување на болеста благодарение на третманот.

„Ние бевме изненадени со високите цифри“ вели главната авторка на студијата, Саманта Хендрен, вонредна професорка по хирурхија на Универзитетот во Мичиген, во Ан Арбор, за време на интервјуто за „Тампа Беј Тајмс“.

Хендрен додаде дека видела висок скок во случаите кај луѓето кои се помеѓу триесет и четириесетгодишна возраст.

Лекарите обично препорачуваат редовни прегледи на дебелото црево после 50-тата годишна возраст, но, оние луѓе кои имаат фамилијарна историја на болеста треба да почнат со процесот на проверки на 40 годишна возраст.

Во интервју за СИ-БИ-ЕС Њуз, Хендрен вели дека откриените податоци треба да бидат „повик за будење“ но, тоа не мора да значи дека промените ќе се случуваат по упатствата за тестирање.

Според Американското здружение за рак, рак на дебелото црево е трета водечка причина за смрт од рак во САД и се очекува да предизвика повеќе од 49.000 смртни случаи оваа година.

Најчестиот симптом на болеста е темно црвена крв во изметот.

„Мала, послаба, танка како молив столица е знак за присуство на овој вид на тумор“ изјави Хендрен за „Тајмс“, истакнувајќи дека губење на тежината е уште една индикација дека можеби нешто не е во ред.

Ендру Чан, вонреден професор по медицина на Медицинскиот факултет на Харвард, во Бостон, вели дека не е познато зошто овој вид на рак се јавува кај помладата популација.

„Не може да се објасни“ изјави тој за ЦБС Њуз. „Не е само промена во дијагнозата. Тоа е многу реален пораст. Можеби некои влијанија од животната средина придонесуваат за порастот.“

Тој додаде дека како и секој друг вид на рак, пушењето, дебелината, лошата исхрана и не многу активниот начин на живеење се фактори за ризик.

XS
SM
MD
LG