Линкови за пристапност

Закана по кибернетската безбедност за бизнисите


Бизнисите имаат тешкотии да бидат чекор пред криминалците – откриени бројни системски недостатоци кај компаниите во борбата со кибернетскиот криминал

Кибернетскиот криминал станува „пософистициран, подрзок, и поотпорен“ од кога било порано се вели во новата студија на американската компјутерска компанија „Циско“, која откри големи недостатоци во обидите на бизнисите да спречат и одвратат напади.

Меѓу тие недостатоци се 10-процентен пад во обновувањето на безбедносната инфраструктура од страна на организациите во период од една година. Компанијата анализирала 115.000 уреди, а 92 отсто користеле софтвери за кои се знае дека имаат пропусти.

Главниот инженер во „Циско“, Џејсон Брвеник за Гласот на Америка кажа дека напаѓачите не дискриминираат цели – тие само сакаат можности за усовршување и профит. Не им е важно дали ќе нападнат приватно лице од кое бараат кибернетски откуп, или бизнис. Гледаат што можат да добијат, и тоа го прават, вели Брвеник.

Тој вели дека експертите кои се занимаваат со кибернетска безбедност се` повеќе користат модели на континуирана анализа, и така се во состојба побрзо да откријат напад и побрзо да реагираат.

„Ако се гледа преку цифри, на индустријата и` е потребно 100- 200 дена за проценка и откривање на кибернетски напад, но ако позиционираат повеќе луѓе кои работат со помодерни технологии тие се во можност да помогнат за неколку часа.“

Од „Циско“ велат дека од мај 2015 година го намалиле просечното време за откривање на закана во рамките на своите мрежи за околу 17 часа.

Работни места

Борбата против кибернетскиот криминал го отвори неискористениот пазар на труд за кибернетски експерти кои според извештајот на Форбс се очекува да се зголеми од вредност од 75 милијарди долари во 2015-та година до 170 милијарди во 2020-та година.

Тара Синклер, главен економист во „Индид“, глобална Интернет страница за огласување на работни места со седиште во САД, вели дека загриженоста за безбедноста кај работодавачите довело до голем пораст на побарувачката за обучени професионалци во оваа област.

Дефинитивно тие се загрижени за нивните бизниси, вели Синклер. Тие сакаат да имаат вработени кои ќе го заштитат имотот и сакаат да се осигураат дека нема да бидат жртви на кибернетски напад.

„Циско“ проценува дека на глобално ниво во областа на кибернетската безбедност има околу еден милион непополнети работни места. „Симантек“, најголемиот продавач на безбедносен софтвер во светот очекува оваа цифра да се зголеми на 1,5 милиони до 2019-та година.

Брвеник кажа дека многу универзитети се трудат да донесат квалификувани таленти на пазарот. Меѓу бизнисите, рече тој, 90 проценти од испитаниците во анкетата на „Циско“ се изјасниле дека имаат инсталирано програми и ја зголемуваат свеста и обуката за кибернетската безбедност.

XS
SM
MD
LG