Линкови за пристапност

Недела пред првите прелиминарни избори


Анкета: Трамп води кај републиканците, Клинтон и Сандерс во мртва трка кај демократите.

Републиканецот Доналд Трамп води во истражувањата на јавното мислење во Ајова, на само една недела пред првото гласање во процесот на претседателските избори во САД во 2016-та година.

Анкетата спроведена од Фокс њуз покажува дека Трамп води пред сенаторот од Тексас, Тед Круз со предност од 34 наспроти 23 проценти, а на трето место е Марко Рубио со 12 отсто. Интернет анкетата на Си-Би-Ес покажува помало водство на Трамп во однос на Круз, 39 наспроти 34 отсто, а Рубио е со поддршка од 13 отсто.

Најновите анкети покажуваат дека Трамп има големо водство и во Њу Хемпшир, следна држава по Ајова каде прелиминарните претседателски избори се закажани за 9-ти февруари. Според последната анкета на Фокс њуз, Трамп води со 31 отсто, следат Круз со 14 и Рубио со 13 отсто. Гувернерот на Охајо, Џон Касич доби 9 отсто поддршка во Њу Хемпшир, по него следат поранешниот гувернер на Флорида, Џеб Буш и гувернерот на Њу Џерси, Крис Кристи, - и двајцата со седум проценти поддршка.

Охрабрувачки вести за Трамп и од анкетите во Јужна Каролина, каде се гласа на крајот на февруари. Интернет анкетата на Си-Би-Ес покажува водство на Трамп со 40 отсто поддршка од регистрираните републикански гласачи, по што следи Круз со 21 проценти и Рубио со 13. Водечките републикански кандидати се среќаваат во четврток во Де Моин, нивна последна дебата пред партиските избори следниот понеделник.

Демократска трка

На демократска страна Хилари Клинтон и нејзиниот главен противкандидат, сенаторот од Вермонт, Берни Сандерс, според последните анкети остануваат изедначени во трката во Ајова. Си-Би-Ес Интернет анкетата покажува водство на Сандерс со еден процент во однос на Клинтон, 47 наспрема 46 проценти, на една недела пред партиските избори. Поранешниот гувернер на Мериленд, Мартин О`Мали е далеку назад со пет проценти поддршка.

Според истата анкета Сандерс има голема предност во Њу Хемпшир, и води пред Клинтон со 57 наспроти 38 отсто. Без сомнение на Сандерс му оди во прилог фактот дека доаѓа од соседна сојузна држава Вермонт. Сепак, Клинтон води пред Сандерс во Јужна Каролина со голема разлика, 60 наспроти 38 отсто.

И Обама изрази мислење

Претседателот Барак Обама кој останува неутрален во трката исто така има голема улога во прелиминарната битка меѓу Клинтон и Сандерс. Во интервју за „Политико“ Обама ја опиша Клинтон како „многу остроумна“, но исто така рече дека искуството на Клинтон во Владата ја направило

нејзината кампања да личи „повеќе на проза отколку на поезија“. Тој кажа дека Клинтон влегла во трка со „привилегијата и товарот да се смета за главен фаворит.“

Обама, исто така рече дека републиканците Трамп и Круз ја користат лутината и фрустрацијата во рамки на партијата и изрази надеж дека гласачите ќе „се смират“, кога ќе треба да одлучат „кој всушност сакаат да седи во Овалната канцеларија.“

XS
SM
MD
LG