Ќе бидат потребни денoви пред животот долж источниот брег на САД да се врати во нормала по масивната зимска бура која донесе снег, поплави и илјадници луѓе без струја.
Федералната влада во Вашингтон денес е затворена, освен за вработените задолжени за работа во вонредни услови. Градот работи на чистење на улиците и тротоарите. Системот на подземната железница е делумно отворен, откако целиот викенд беше сосема затворен. Училишта во главниот град и околните населби се затворени, а летовите од трите главни аеродроми се лимитирани. Конгресот исто така остана затворен овој понеделник, а расправата и гласањето закажани за денеска се одложени.