Масивно зимско невреме го има за цел Вашингтон во петок, заканувајќи се да остави рекордна количина снег и да креира услови на снежна бура што ќе парализираат се` на својот пат движејќи се нагоре по источниот брег.
Метеоролозите велат дека невремето би можело да го закопа главниот град на САД во повеќе од 60 сантиметри снег, што се очекува да почне да паѓа кон средината на денот во петок и да продолжи до недела. Се очекуваат и опасни ветрови и крајбрежни поплави.
Пред невремето, вашингтонската градоначалничка Мјуриел Боусер објави вонредна состојба и во петок ги затвори локалните училишта. Канцелариите на федералната влада затвораат на пладне. Властите дури преземаат редок чекор за затворање на јавниот систем за превоз на патници, градското метро.
До сега, повеќе од 4.500 летови се откажани низ целата држава. Исто така се очекуваат широкораспространети проблеми со напојувањето со електрична енергија, и властите ги предупредија граѓаните да се снабдат со резерви од неопходна храна и други намирници.
Вонредна состојба исто така е прогласена во Мериленд, како и во Вирџинија, чиј гувернер Тери Меколиф кажа дека луѓето треба „заканата од ова невреме да ја сфатат сериозно“. Овие две држави се споени со Вашингтон
Невремето се очекува да зафати десетици милиони луѓе од Кентаки до Нова Англија.
Многу метеоролози велат дека различни метеоролошки модели и толкувања кои вообичаено не се согласуваат за патот на големи бури сега се согласни дека ова ќе биде силно невреме што доаѓа од брегот на Атлантикот повлекувајќи голема влажност.
Компјутерските метеоролошки модели предвидуваат ветровит и бавно-движечки систем.