Според податоците на Одделот за домашна безбедност вкупно 6,014 македонски граѓани допатувале во САД, и требало да ја напуштат земјата, а 250 од нив нелегално го продолжиле престојот. Тоа чини 4.16 проценти од сите посетители од Македонија. Ова го покажа новиот извештај објавен во вторникот, каде се вели дека околу 45 милиони посетители требало да излезат од САД во одреден период од минатата година, а останале 416.500. Други 66.500 посетители што самоволно си го продолжиле својот престој сепак заминале, иако не согласно на датумот на истекувањето на визата.
Посетителите вклучуваат патници и туристи кои или имале визи за престој на одреден период или пристигнале од земја од која за влез во САД не им била потребна виза, и на тој начин добиле право на престој за одредено време.
Стапката на оние го злоупотребиле гостопримството била најниски меѓу 38 земји кои се дел од програмата за безвизен режим. Меѓу посетителите од балканските држави, стапката на овој вид прекршители за Словенија, на пример, е 1,17 проценти и за Грција - 2,31 процент.
Другите 154 земји опфатени во статистиката се од групата земји на чии граѓани е потребна виза за патување во САД. Просечната стапка на предолго останување изнесува 1,6 проценти, а 10 од нив се со стапка над 10 проценти.
Најголем број престапници доаѓаат од земји кои имале релативно мал број на посетители во САД, додека оние со поголем број на посетители, кои се бројат во илјадници претежно имаат стапка пониска од 2 проценти.
Меѓу балканските земји, Македонија е со највисока стапка на посетители кои го продолжиле престојот нелегално во 2015-та. Абанија е со стапка 3,38 проценти, Босна и Херцеговина 2,47, Србија 1,87, Бугарија 1,74 и Хрватска со 1,09 проценти. Во извештајот не се наведени податоци за Косово.