Линкови за пристапност

Џон Кери на разговори за иднината на Сирија


Средбата со рускиот колега Сергеј Лавров дел од стратегијата на меѓународната група за поддршка за земјата

Американскиот државен секретар Џон Кери во Цирих се среќава со рускиот колега Сергеј Лавров како дел од турнејата по Европа, Блискиот исток и Азија за прашања кои бараат мултинационална ангажираност за политичка стабилност во Сирија, но и по неодамнешното нуклеарно тестирање на хидрогенска бомба од Северна Кореја.

Билатералните разговори доаѓаат во време кога е неизвесен почетокот на мировните разговори за политичка транзиција во Сирија, закажани за 25-ти јануари.

САД и Русија се дел од меѓународната група за поддршка на Сирија, која ги поддржува напорите на ОН за седнување на заедничка преговарачка маса на сириската влада и тамошната опозиција. Сепак, Вашингтон и Москва имаат различни позиции кон поддршката на претседателот на Сирија, Башар ал Асад.

Портпаролот на ОН рече дека Светската организација не треба да му испрати покана на Башар ал Асад додека не биде постигнат договор кои опозициони претставници да учествуваат на разговорите. Претходно, сириската влада пренесе дека сака да ја види листата на опозиционите претставници, пред почеток на мировните разговори.

Државниот секретар Кери ќе отпатува и за Давос, Швајцарија, каде повеќе од40 шефови на држави и влади се очекува да присуствуваат на Светскиот економски форум.

XS
SM
MD
LG