Линкови за пристапност

Претседателот се обрати до нацијата за последен пат


Со желба за воспоставување наследство, Барак Обама зборуваше за состојбата во која се наоѓа државата. Пред двата дома на Конгресот тој изнесе поглед во иднината, не само за наредната година, туку за пет години и потоа.

Во неговото последно обраќање до нацијата, човекот кој вети надеж, зборуваше за нацијата како со „јасен поглед, со големо срце и оптимистична“. Сепак, како што рече – нервозна заради тероризмот.

„Ако дојдете по Американците, ние ќе одиме по вас“.

И покрај нападите од Париз и Калифорнија, Обама кажа дека странски и домашни терористи се смртоносни, но дека не се закана за егзистенцијата на нацијата. Сепак, тој го поттикна републиканскиот Конгрес да реагира.

„Ако овој Конгрес е сериозен за добивање на оваа војна и сака да испрати порака до нашите трупи и до светот, авторизирајте употреба на воена сила против ИСИС. Гласајте.“

Претседателот исто така побара од Конгресот да го преземе следниот чекор спрема Куба: „Симнете го трговското ембарго“.

И на Пацификот, тој побара одобрение на договорот на Транспацифичко партнерство.

Кусо време пред говорот, 10 американски морнари на два патролни брода, како овие, беа приведени од Иран. Претседателот не го спомена инцидентот, иако го бранеше иранскиот нуклеарен договор пред скептиците во Конгресот.

„Додека зборуваме, Иран ја крати својата нуклеарна програма, ги испрати надвор резервите на ураниум и светот избегна уште една војна.“

Гувернерката на Јужна Каролина, Ники Хејли, го даде одговорот на републиканците со визија на Белата куќа под друг менаџмент.

„Ние би склучиле меѓународни договори што ќе бидат славени во Израел и за кои ќе се протестира во Иран, а не обратно.“

На барањата на претседателот коментираше републиканскиот аналитичар Мат Гамон.

„Не мислам дека тој очекува сериозна акција по ниедна од овие точки што би дошла од актуелниот Конгрес, но мислам дека сака на него да се гледа како на некој што е загрижен за овие работи пред луѓето кои ќе ја пишуваат неговата историја во иднина.“

Претседателот кажа дека жали што нацијата и натаму е политички поделена, но ги критикуваше негативните коментари од Републиканците:

„Целата дискусија за американското економско опаѓање е само дување жежок политички воздух.“

Во меѓувреме, на Твитер, републиканските претседателски кандидати реагираа – Доналд Трамп говорот го нарече летаргичен, Тед Круз кажа дека требало да се вика состојба на негирање, а не состојба на нацијата.

XS
SM
MD
LG