Линкови за пристапност

Ескалација на тензиите на Блискиот Исток


Кувајт им се придружи на Саудиските сојузници во дипломатската акција против Иран, откако демонстранти ја нападнаа амбасадата на земјата во иранскиот главен град, лути поради егзекуцијата на шиитски свештеник во Саудиска Арабија.

Иранскиот претседател Хасан Рухани ја критикуваше одлуката на Саудиска Арабија за прекин на врските, велејќи дека со тоа не можат да го прикријат својот „криминал“ со егзекуцијата на шеикот Нимр ал Нимр.

Саудиската влада соопшти за неговата егзекуција на 2 јануари, заедно со уште 46 други затвореници обвинети за тероризам. Нимр беше отворен критичар на саудиската монархија.

Советот за безбедност на ОН во соопштение го осуди нападот врз амбасадата на Саудиска Арабија и го повика Иран да ги почитува меѓународни обврски за заштита на дипломатските претставништва и ги повика засегнатите страни да „одржат дијалогот и да преземат чекори за намалување на тензиите во регионот.

Администрацијата на Обама ја предупредила Саудиска Арабија за можните последици од егзекуцијата на шиитскиот свештеник чија смрт ги подгреа страстите на Блискиот Исток и предизвика протести низ целиот свет, изјави портпаролот на Белата куќа, Џош Ернест.

Портпаролот на Стејт департментот, Џон Кирби ги повтори коментарите на Белата куќа, велејќи: „Ние сме особено загрижени дека егзекуцијата на Ал Нимр ќе ги влоши секташките тензии во време кога тие под итно треба да се намалат.“

Во текот на изминатите два дена, американскиот државен секретар Џон Кери разговарал со иранскиот министер за надворешни работи Мохамед Џавад Зариф, и со заменик-престолонаследникот и министер за одбрана на Саудиска Арабија, Мохамед бин Салман, како и со министерот за надворешни работи Адел ал-Џубеир, во обид да спречи ескалацијата на тензиите.

Кери исто така планира низа телефонски разговори со министрите за надворешни работи на сунитските држави во регионот на Персискиот залив.

XS
SM
MD
LG