Питер Кинг, претседател на Комисијата за контратероризам при Претставничкиот дом, вели дека изјавата на лидерот на ИСИС Абу Бакр ал-Багдади за неуспешната 16-месечна воздушна кампања на коалицијата предводена од САД и трите месеци бомбардирање од Русија, не успеале да ја разнишаат групата, не го изненадува.
„Нешто направивме, но за жал, веројатно е точно дека после 16 месеци влијанието врз ИСИС е минимално, со оглед на тоа колку долго траат овие воздушни напади. Што се однесува до Русите, тие ги фокусираат своите напади врз сирискиот отпор, а не против ИСИС. Значи, ИСИС е силна. ИСИС е, верувам, и посилна, од пред 16 месеци. Тие сигурно имаат поголема територија под контрола, не само во Ирак и Сирија, туку се зајакнуваат и во Авганистан и како што знаеме имаат намера да ги нападнат САД,“ изјави Кинг.
Во аудио изјава Багдади, водачот на ИСИС провокативно зборува за неуспесите на непријателот:
„Господ ќе ни ја додели победата...ние се држиме добро. Колку е поинтензивна борбата против нас, толку повеќе се прочистува и стануваме посилни. Секој кој е дел од војната против Исламската држава ќе ја плати цената и ќе зажали“.
Сириските демократски сили, бунтовничкиот сојуз вклучувајќи ја и курдската полиција поддржана од САД, позната како Единици за заштита на народот, го
консолидираат своето владеење врз многу стратешката брана Тишрин во северниот дел на Сирија, источно од Алепо, којашто беше одземена од контрола од силите на ИСИС. Во исто време, безбедносните сили на Ирак прогласија победа, после неколку неделната битка за главниот град на провинцијата Анбар, Рамади.
После нападите од 13-ти ноември на Париз и масовното убиство во Сан Бернардино во Калифорнија на 2-ри декември, Кинг повикува на зголемен надзор на муслиманските заедници, вклучувајќи ги и џамиите во САД. Запрашан дали тоа е прекршувањето на уставните права на граѓаните во САД, тој одговори:
„Нека се жалат колку сакаат. Факт е дека заканата доаѓа од таму. Можеме да кажеме дека 98 или 99 проценти од Муслиманите во оваа земја се добри луѓе. Всушност пред мене ќе даде заклетва првата избрана Муслиманка на Лонг Ајленд, во државата Њујорк. Таа ми е добра пријателка. Значи, ова не е против Муслиманите. Факт е дека од таму доаѓа заканата“. Кинг зборуваше на Фокс телевизијата во неделата, за емисијата „Фокс Њус Сандеј“.