На 2 мај, 2011-та претседателот Обама и се обрати на нацијата:
„Вечерва можам да му соопштам на американскиот народ и на светот дека САД спроведоа операција во која беше убиен лидерот на Ал Каида, Осама бин Ладен, терорист кој е одговорен за убиствата на илјадници невини мажи, жени и деца.“
Навидум беше затворено едно поглавје во борбата против тероризмот ... за само за три години подоцна претседателот да отвори ново:
„Сограѓани Американци, вечерва сакам да зборувам за тоа што ќе сторат САД заедно со нашите пријатели и сојузници да се деградира и уништи терористичката група позната како ИСИЛ.“
Од говорот во септември 2014-та, со кој беше поставена американска стратегија во борбата против Исламската држава, администрацијата на Обама работеше да стави крај на она што Сет Џонс, од корпорацијата Ранд го нарекува растечката закана:
„Тие се проширија во Либија, Јемен, Сомалија, Авганистан, Пакистан и десетици други локации. Денес можеме да видиме повеќе џихадисти, и поголемо ниво на насилство отколку во минатото.“
Некои како Брус Џонс, од Институцијата Брукингс велат дека одлуката на Обама да користи беспилотни летала, воздушни напади, специјални сили, како и зголемена будност дома за да се спречи заканата - особено по терористичките напади во Сан Бернардино - не се доволни:
„Идејата дека ќе се справиме со ИСИС без посериозна воена стратегија, исто така дека може да се справиме со проблемите во Сирија без посериозна воена стратегија, е нереална.“ Џонс вели дека тој не повикува на копнена инвазија на Сирија и Ирак, опција во неколку наврати отфрлена од страна на Обама, туку на поголема посветеност уште од првиот ден.
Викрам Сигн, од Центарот за американски прогрес се навраќа наназад:
„Очигледно постојат нешта за кои може да се каже: ако само го направевме ова, ако го бомбардиравме Асад порано, ако останевме во Ирак подолго ..., но не знам дали тоа ќе променеше нешто суштинско во однос на предизвикот.“
За претседателот Обама овој предизвик се манифестира дома. Во деновите по нападот во Сан Бернардино тој се обиде да ги убеди Американците дека тие се безбедни, и покрај заканата од тероризмот, за која вели дека е „вистинска“ и „преминала во нова фаза“, која вклучува и само-радикализација.