Линкови за пристапност

Глобално влијание на ниските цени на нафтата


Експертите и инвеститорите велат дека ниските цени на нафтата најверојатно ќе продолжат да носат загуби за енергетските компании и за економиите кои зависат од извозот на сурова нафта, и покрај тоа што цените во последниве неколку дена растат.

Цената на нафтата е најниска во последниве 11-години, иако во изминатите неколку дена порасна по извештајот дека американските залихи на сурова се помали отколку очекувањето на аналитичарите. Промената на рамнотежата помеѓу понудата и очекуваната побарувачка ја поткрена цената на суровата нафта. Сепак неколкудневното зголемување на цената е далеку од 40 долари за барел, и подрастично пониска од 110 долари за барел од пред 18 месеци.

Ниските цени на нафтата им одат во прилог на увозниците и потрошувачите. Просечните цени на бензинот во САД паднаа под 53 центи за литар, божиќен подарок за американските возачи кои сега може да го наполнат резервоарот за само околу 37 долари, во споредба со 50 долари порано.

Лоши вести за производителите на нафта

За земјите производители на нафта, паѓање на цената е лоша вест, смета економистот Ц. Фред Бергстен во интервјуто за програмата на Гласот на Америка, Хаштаг:

„Изгубија Русите, Саудијците, Венецуелците, производителите на нафта од шкрилци во САД, но тоа е повеќе од целосното намалување на трошоците на потрошувачите.“

Клучниот извозник на нафта Саудиска Арабија се обидува да ја направи својата економија поразновидна, а земјата се соочува со буџетски дефицит, Венецуела се справува со висока инфлација и пад на економијата, Азербејџан иако богат со нафта беше принуден да ја девалвира својата валута која изгуби повеќе од 30 отсто од вредноста во однос на доларот.

Последици за Русија и останатите земји

Бергстен наведува дека падот на цената има сериозни геополитички последици за Русија и насекаде: „Пред пет до десет години кога цените на нафтата беа многу повисоки, Путин стоеше добро. Со уривањето на цената на енергијата, тој мораше да се впушти во странски авантури – прво Украина, сега и Сирија за да се обиде да го пренасочи вниманието на населението од лошата економска ситуација, која делумно е резултат на падот на цената на нафтата“, вели тој.

Некои експерти велат дека цените на нафтата најверојатно нема да се зголемат во скоро време. Најновите проекции од Светската банка и Меѓународниот монетарен фонд сугерираат дека цените ќе паднат уште повеќе – до 20 долари за барел во 2016 година. Организацијата на земји извознички на нафта (ОПЕК) прогнозира цена на црното злато од околу 70 долари за барел во 2020 година, и 95 долари во 2040 година. Се очекува дека моменталната презаситеност на нафта да се надмина со раст на побарувачката. ОПЕК засега одлучи да не го намалува производството.

Џон Демполулос е стратег за истражување на пазарот во Аргус медиа, компанија која ги следи глобалните пазари за енергија и суровини. Во интервјуто за Гласот на Америка вели дека прогнозите на ОПЕК се релевантни исто колку и прогнозата какво ќе биде времето за четири години. Тој не гледа некое навестување дека ќе дојде до значително зголемување на цените во 2016 година. Тој вели дека Иран ќе донесе повеќе нафта на пазарот по симнувањето на некои од санкциите кои досега го попречува извозот. Додава дека со новиот закон со кој за прв пат во последниве децении се дозволува извоз на американска сурова нафта нема да дојде до голема промена на пазарот.

XS
SM
MD
LG