Во соопштението од Обвинителството се вели дека полицијата извршила претрес насочен кон 15 лица во поширокиот регион на Сараево. Полицијата пронашла докази кои укажуваат на врски со структурите на Исламската држава.
Се наведува дека рациите се спроведени во близина на касарната во предградието Рајловац каде вооружен напаѓач во ноември уби двајца босански војници, акт кој властите го оквалификуваа како терористички.
Во изјава за новинарите, федералниот полициски инспектор, Марина Зулиќ, рече дека осомничените биле вклучени во поттикнување и организирање на терористички напади.
„Во оваа операција уапсени се 11 лица поврзани со тероризам, финансирање на тероризам, поттикнување и организирање на кривични дела и регрутирање борци за војните во други земји.“ рече таа.
Зулиќ додаде дека тие користеле приватни куќи за верски собири и организирале предавања без дозвола на Исламската верска заедница во округот.
Босанските власти соопштија дека во изминатите неколку години повеќе од 150 Босанци ја напуштиле земјата за да се борат за Исламска држава во Сирија и Ирак. Повеќе од 50 од нив се вратени во Босна, а околу 30 загинале во борбите.