Кери зборуваше на годишниот министерски совет на Организацијата за безбедност и соработка во Европа, дводневна конференција што се одржа во Белград.
Во своето обраќање тој кажа дека Русија би требало да помогне во отстранувањето на руските сили од источниот дел на Украина и да овозможи непречен пристап на набљудувачите на ОБСЕ во регионот на Донбас. Тој рече дека Украина треба да го исполни својот дел за да се врати прекинот на огнот и да започне обновата на источните региони на Украина.
Кери изјави дека ОБСЕ има направено голем напредок во своето 40 годишно постоење, но има уште многу да се стори. Тој рече дека членовите на ОБСЕ мора да сторат повеќе за да се зголеми споделување на информации помеѓу вооружените сили на земјите членки, како и зголемување на напорите за заштита на човековите права за да се елиминира нетолеранцијата.
Тој рече дека во многу држави, невладините организации и медиумите се соочуваат со рестрикции и додаде дека „нема оправдување“ за злоупотребата на правата на граѓаните, спречување на новинарите да ја вршат својата работа, или замолчување политички противници.
Се очекува рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров да се сретне со неговиот турски колега, прва средба откако Турција собори руски воен авион во турскиот воздушен простор минатата недела.