Линкови за пристапност

Македонија: Полемика за најновото задолжување


Додека ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ разменуваат обвинувања, граѓаните протестираат

Владата од денес ја задолжи Македонија со уште 73,63 милиони евра, откако на аукцијата на државни записи и обврзници беа понудени 23 милиони помалку од планираните за продажба. И покрај притисокот на опозицијата, ветото на дополнителниот заменик министер за финансии, Кире Наумов, беше одбиено од ДИК во стариот состав, иако Наумов предупреди дека и домашните банкари не треба да купуваат државни хартии од вредност, по примерот на странските банки кои го почитуваат правилото на врзан потпис што произлегува од меѓупартискиот договор.

Пред аукцијата, ваквата одлука на актуелниот состав на ДИК чиј мандат истече на 8 ноември, ја критикуваше и лидерот на опозицијата Зоран Заев, според кого, таа е очекувана и водена од политичкиот интерес на власта, но ДИК така сторила и потенцијално кривично дело.

„Пред денешната закажана аукција ги повикувам банките да се водат од државниот интерес и од интересот на граѓаните на Република Македонија. Како најголеми доверители, банките мораат да имаат предвид дека сите аукции на државни хартии од вредност коишто немаат согласност од дополнителниот заменик министер за финансии ќе бидат предмет на дополнително законско преиспитување од аспект на нивно третирање како законски јавен долг“, рече Заев, според кого, домашните банки имале механизми за спречување на „финансирањето за купување на гласови од страна на власта“.

На обвинувањата на СДСМ, одговори владеачката ВМРО-ДПМНЕ.

„СДСМ со денешната изјава на Зоран Заев го покажа својот демократски капацитет и елементарно непознавање на економијата. Тие направија притисок врз комерцијалните банки во Македонија, непочитување на Државната изборна комисија и најважно од се` покажаа дека работат спротивно на интересите на пензионерите, вработените во админстрацијата, полицијата, војската , образованието, здравството, земјоделците. Граѓаните го видоа лицето на Заев и СДСМ. Тие се спремни да ја втурнат државата во хаос само за да обезбедат ситни партиски поени“

На обвинувањата на опозицијата реагираше и Министерството за финансии и гувернерот Димитар Богов.

„Аукцијата на државни записи, која се одржува денеска е во рамки на буџетот за 2015 година, значи предвидена уште пред повеќе од една година кога се гласаше буџетот и кога воопшто не ни беа најавени изборите. Значи, не станува збор за дополнителна, непредвидена аукција, туку аукција предвидена и со буџетот и со календарот на аукции од многу порано“, се вели во соопштението на Министерството.

А во својата писмена изјава гувернерот Богов истакнува дека „политичките притисоци врз банките се недозволиви и неспоиви со пазарната економија. Имајќи предвид дека најголем дел од банките се во странска сопственост, политичкиот притисок врз банките може да има катастрофални последици врз нивната перцепција за деловниот амбиент во Македонија и нивните идни планови. Деловните банки имаат целосна слобода и право самите да одлучат каде ќе ги пласираат своите ликвидни средства согласно со својата деловна политика“.

На гувернерот потоа му одговори со соопштение опозициската СДСМ.

„Големите светските банки пред неколку дена прифатија да купуваат државни хартии од вредност издадени од Република Македонија само кога нивното издавање е потпишано од министерот за финансии и од дополнителниот министер за финансии. СДСМ, денеска им напомена на домашните банки да не се водат од политичката одлука на партизираната Државна изборна комисија, на којашто и истекува мандатот, туку врз основа на законот, следејќи го пристапот на светските банки со издавањето на еврообврзницата“, се вели во партиската реакција.

Паралелено со „војната со соопштенија“, членовите на иницијативата „Заслужуваме подобро“, со протестен перформанс и` порачаа на Владата дека граѓаните имаат право да ги контролираат политичарите, и дека власта треба да биде менлива, особено лошата власт.

„Ние имаме право постојано да ја преиспитуваме и менуваме власта. Бараме власт која нема да троши на луксуз, туку ќе се бори против немаштијата. Една третина од домаќинствата располагаат со приходи под 13.000 месечно, а премиерот си нарачува „мерцедес“ од 600.000 евра државни пари!“, порачаа активистите.

XS
SM
MD
LG