Линкови за пристапност

Засега не се планираат дополнителни капови за бегалците


Откако дел до медиумите објавија дека наводно, македонските власти се под притисок на ЕУ и на Високиот комесаријат на УН за бегалци – УНХЦР, да дозволат изградба на нови бегалски кампови за 30.000 бегалци, таквите најави денес ги демантираа Канцеларијата на УНХЦР во Скопје и македонскиот Центар за управување со кризи - ЦУК.

Според Канцеларијата на УНХЦР, засега ќе функционираат единствено Прифатниот центар во Гевгелија, на македонско - грчката и транзитниот пункт на Табановце, на македонско - српската граница. Според изјавата од Канцеларијата УНХЦР, тие како хуманитарна организација би изградиле и нови кампови за бегалците, на барање на Унијата и на налог на македонските власти, но засега, немало такви најави.

Исто така, и Центарот за управување со кризи соопшти дека само постоечките две локации, остануваат како опција за бегалците и мигрантите, и дека нема најави за изградба на нови кампови.

Иако според медиумските шпекулации, ЕУ наводно ветила финансиска помош за Македонија за поставување на три кампови на нејзина територија (Криволак, Катланово и селото Черкези) за дури 30.000 бегалци, официјалниот став на македонските власти што го пренесуваат медиумите е дека Македонија, како и досега, може само да биде само транспортна зона за бегалците и мигрантите што доаѓаат од Грција како земја - членка на ЕУ, односно, дека дневно може да прифати максимум околу 2.000 бегалци, само за директен трансфер кон Србија

Не наведувајќи извори, дел до македонските медиуми деновиве шпекулираат и дека доколку Словенија и Хрватска, по примерот на Унгарија, ги остварат најавите за физичко затворање на границите, властите на Македонија и на Србија се подготвени да реагираат на тој начин. Нерешителноста на ЕУ за донесување на заедничка одлука на членките во поглед на бегалската криза, лесно може да го лоцира и „замрзне“ проблемот на Балканот, односно, пред се, на македонско - грчката граница, што пак, би оставило простор за отворање и на нови коридори за бегалците кон Косово и Албанија, односно, вклучување и на нови држави во проблемот.

Според медиумите, УНХЦР изразува загриженост поради тоа што Македонија нема план за реагирање во непредвидливи ситуации, но од ЦУК, за медиумите изјавија дека актуелниот Акциски план, перманентно се дополнува и дека за претстојниот зимски период се предвидува набавка на агрегати со кои би се загревале просториите за бегалците и на ќебиња. Таквите набавки ќе бараат и дополнителни средства. Според преоценките кои досега беа објавувани, Македонија веќе седум месеци, за бегалците троши месечно околу 1.200.000 евра, без трошоците на локалните власти, а ветените пари од ЕУ, за олеснување на соочувањето со кризата, се уште не се пристигнати.

XS
SM
MD
LG