Откако со 96 гласови „за“ и 3 гласа „против“ од трите независни пратенички, пратениците го изгласаа дневниот ред на собраниската седница, за вечерва во 19 часот по македонско време е закажана пленарна седница на која пратениците во македонското Собрание ќе се изјаснат за Предлог - одлуката за основање Анкетна комисија за скандалот со прислушувањето, за Предлог-законите за изменување и дополнување на Изборниот законик, за изменување и дополнување на Кривичниот законик, за заштита на приватноста, за заштита на укажувачите и Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за Влада, со која челните места во Министерствата за внатрешни работи и за труд и социјала ќе дојдат претставниците на опозицијата, според Договорот од Пржино.
Претседателот на Собранието Трајко Вељановски најави дека во случај на потреба, работата на пратениците ќе продолжи додека не биде усвоен пакетот закони што произлезе од меѓупартискиот договор за надминување на политичката криза. Така, парламентарците, можеби ќе создадат услови, исполнување на обврските од Договорот, да биде нотирано и во Извештајот на Европската комисија, кој е најавен дека ќе биде претставен и во Скопје во среда.
Денес, официјално започна со работа и Специјалното обвинителство на чие чело е обвинителката Катица Јанева, а чиј тим, наместо предложените 14 ќе го сочинуваат 12 обвинители; Гаврил Бубевски, Ленче Ристевска, Трајче Пеливанов и Артан Ајро од Основното јавното обвинителство од Скопје, Лиле Стефанова од Обвинителство за гонење кривични дела од областа на корупцијата и организираниот криминал, Бурим Рустени, Елизабета Јосифовска, Лејла Кадриу, Љубомир Лапе, Марија Ѓорѓева, Стевчо Донев и Фатиме Фетаи.
Но, просториите во кои треба да работи Специјалното обвинителство денес се уште се реновираа.
Според Договорот од Пржино, Специјалното обвинителство, за кое пратениците без дискусија му одобрија буџет во износ од еден милион евра, ќе ја истражува одговорноста за скандалот со прислушувањата и содржината на прислушуваните разговори. Медиумите објавија ставови на дел од експертите, според кои, тимот на Јанева најпрвин ќе се зафати со случајот меѓу „бомбите“ во кој има најмногу индиции за сторени кривични дела, како и изјавите на Специјалната обвинителка која потенцираше дека очекува „голема меѓународна поддршка во откривање на фактичката состојба“, како и дека во Специјалното обвинителство има наплив од странки кои доставуваат информации околу сомневања за криминал.
Се уште е неизвесен и ставот на Уставниот суд околу едната, поднесена па повлечена, и другата, најавена иницијатива за оценување на уставноста на законот за Специјалното обвинителство.