Линкови за пристапност

Вистината во Русија ја изгубила вредноста


За влијанието на руската пропаганда се одржа распит во американскиот Конгрес

Кога руска новинска интернет-страница објави фотографија преработена во фото-шоп од американскиот амбасадор на собир на опозицијата, американската амбасада во Москва возврати со серија преработени фотографии на амбасадорот на слабо веројатни локации – како на Месечината, на пример, на мраз на игралиште за хокеј и слично. Идејата била да се покаже дека оргиналната фотографија е пропаганда, кажа заменикот помошник државен секретар Бенјамин Зиф пред сенатска поткомисија во Вашингтон.

Тактиката била успешна. Оваа твит порака била препратена во Русија неброено пати. Но, Зиф ги уверил сенаторите дека ваков вид на реакција не е секогаш можен за спротивставување на руската пропаганда.

„Овој начин на реагирање е реактивен, секогаш сте назад“, додаде тој.

Модерната руска пропаганда не е повеќе засегната со цензура. Таа е раширена, продуктивна и ја пополнува празнината во медиумскиот простор до степен во кој луѓето не знаат што е вистина, а што не.

Зиф коментира дека Русите имаат „софистициран апарат за пропагандна војна со буџет од 1,4 милијарди долари годишно“. Тие тврдат дека допираат до 600 милиони луѓе во 130 држави.

„Се работи за вешт и флексибилен апарат прилагоден на географската поставеност на аудиториумот, вели Лион Арон, од Американскиот институт Ентерпрајз, кој е и член на Бордот за емитување програма во странство што ја надгледува работата на Гласот на Америка.

Влијанието од руското дезинформирање на западните демократии е „претежно безначајно“, сведочеше Арон при што додаде дека главна причина е големата конкуренција во медиумскиот простор што ги изложува луѓето на широко поле на факти и интерпретации.

Но, тој вели дека ситуацијата е потешка во земјите кои биле дел од поранешниот Советски сојуз. Ефикасноста од руската пропаганда тука е поголема поради две причини, вели тој:

„Најпрво, поради руското етничко малцинство и поддршката од него, и второ поради недостигот на многу помалку алтернативни извори на кредибилни информации“ изјави Арон.

И Арон и Зиф пред Сенатската поткомисија за Европа и регионална соработка за безбедност рекоа дека одговорот на ваквиот тренд е да се поттикнат локалните заедници да создадат богата и ослободена од цензура медиумска клима.

Арон даде пример, цитирајќи извештај емитуван на руски телевизиски канал со голема гледаност, во кој жена, која е идентификувана како бегалка од територија под контрола на украинската влада вели дека била сведок како украински војници јавно погубиле сопруга и син на про-руски сепаратист. „Детето било погубено пред огласна табла во центарот на градот, додека жената била влечена со тенк додека не починала“, цитирал Арон делови од извештајот.

„Тотална лага“, рече Арон, и тоа било разоткриено од интернет-страницата stopfake.org, ажурирана од студенти од Школата за новинарство Мохила во Киев. Студентите истражувале и го пронашле семејството на жената. Таа го направила интервјуто за пари, откако нејзиниот сопруг им се придружил на про-руските сепаратисти, оставајќи ја без никаква поддршка.

„Клучен елемент во размислувањето на Кремљ е цинизмот“, вели Петер Померанцев од Институтот Легатум. Цинизмот, додава тој, не прави разлика меѓу демократиите и авторитарните режими, меѓу вистината и лагата.

„Не е важно дали Владимир Путин еден ден вели нема руски војници во Крим, а неколку недели подоцна признава дека има, затоа што тоа што вели нема вредност за идејата за вистина“, вели Померанцев.

Тој рече дека спроведувал истражување врз фокусни групи во Источна Европа меѓу 90 милиони лица од руско говорно подрајчје кои што живеат надвор од Русија. Тие му наведувале „Никому веќе не му веруваме, но Русите раскажуваат многу емотивни приказни. Тоа е филмски презентирано и забавно спакувано и затоа одиме со нив“.

Сепак, Померанцев не се откажува од идејата дека социјалните медиуми имаат функција да обединуваат. „На Фејсбук и на Инстаграм се појавија фотографии од трагичната авионска несреќа на руски авион во Египет и кога ќе ги погледнете тие животи, гледате дека тие не се поразлични од децата во Вичита, Канзас“, кометнира овој руски автор.

XS
SM
MD
LG