Линкови за пристапност

И покрај критиките, Русија го јакне военото присуство во Сирија


Mideast Syria Russia
Mideast Syria Russia

Командантот на воздухопловните сили на Русија кажа дека армијата испратила противавионски ракети во Сирија, со цел да ги заштити руските авиони кои изведуваат воздушни напади во земјата од крајот на септември.

Генерал полковникот Виктор Бондарев во интервју за весникот Комсомолска правда рече дека руските авиони се во опасност да бидат нападнати или киднапирани за време на нивните мисии.

Воздушната кампања на Русија беше критикувана од страна на други нации кои имаат операции во регионот, особено САД, кои ја предводат коалицијата на земји кои бомбардираат цели на милитантите на Исламската држава повеќе од една година.

Виши дипломати на САД кажаа дека 85 до 90 проценти од руските воздушни напади во Сирија за цел ги имаат умерените сириските бунтовници, а не Исламската држава. Помошник државниот секретар Ана Петерсон и Викторија Нуланд ја дадоа оваа проценка во сведочењето пред Комитетот за надворешни работи во Конгресот.

Одделно, портпаролот на американското Министерство за одбрана, полковникот Стив Ворен на новинарите им изјави дека помалку од 10 отсто од руските воздушни напади во Сирија се фокусирани на Исламската држава и „патем, во мнозинството на нивните напади биле користени несофистицирани бомби“.

Руски дипломати и воени претставници тврдат дека воздушните напади се насочени кон екстремисти на Исламската држава. Но тоа тврдење е широко оспорено од страна на САД и други земји кои велат Русите многу често ја бомбардираат сириската опозиција.

За време на сослушувањето во средата, претседателот на комисијата Ед Ројс рече дека Русија има „одлучувачка улога во обликувањето на иднината на Сирија, и тоа не на корисен начин“.

Нуланд изјави дека Русија плаќа „висока цена за својата интервенција за да ја одржи“ владата на сирискиот претседател Башар ал-Асад. Таа истакна дека Русија троши 2 до 4 милиони на ден за да ги изврши воените напади во Сирија. „Ако Русија го избира ова наспроти благосостојбата на својот народ, тие би можеле да се одржат во оваа ситуација за некое време“, рече Нуланд.

Претходно во средата, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров ја истакна потребата да се одлучи кои од различни опозициските групи кои се борат во Сирија треба да биде дел од идните мировни разговори, а кои треба да се сметаат за терористи.

XS
SM
MD
LG