Линкови за пристапност

На повидок нова драма во Конгресот околу границата на задолжувањето


Рокот до кога владата може да позајмува истекува на 3-ти ноември

Најверојатниот следен спикер на Претставничкиот дом, републиканецот Пол Рајан, можно е да биде избран на функцијата наредната недела, неколку дена пред 3-ти ноември, рокот до кога владата може да позајмува.

Администрацијата на претседателот Барак Обама предупредува на тешки финансиски и економски последици, доколку Конгресот до тогаш не успее да ја подигне границата на задолжување.

„По 3-ти ноември, не можеме да позајмуваме повеќе пари“, изјави секретарот за финансии, Џејкоб Лу. Ќе функционираме врз основа на готовината што ја имаме. Некои денови ќе имаме доволно пари да ги платиме сметките, а ќе има и денови кога нема да можеме да го сториме тоа. Да се пречекори рокот на 3-ти ноември, е неодговорно“.

Но, да се подигне границата на задолжување, токму во услови на политички поделен Конгрес во време на смена на раководството во Претставничкиот дом, носи само неизвесност.

„Не е јасно како сето ова ќе функционира“, изјави аналитичарот Стен Колендер, поранешен вработен во буџетски комисии во обата дома на Конгресот. Ова е навистина неверојатна ситуација.

И Рајан и спикерот во оставка, Џон Бејнер се обидоа да ги намалат шпекулациите дека нема да дојде до неиспочитување на овој рок.

Но, и натаму е присутна поделбата меѓу демократите и републиканците, па дури и меѓу републиканските фракции за тоа до каде може да се подигне таа граница.

Претседателот Барак Обама и конгресните демократи се залагаат за таканаречено „чисто“ кревање на границата на задолжување. Републиканците бараат притоа да се вклучат мерките почнувајќи од реформите за трошоци до ограничувања за нови федерални регулативи за приватниот сектор.

„Се надевам дека републиканците ќе се вразумат и ќе усвојат чиста мерка за да се избегне катастрофално неиспочитување на рокот“, изјави Хари Рид, лидерот на демократското малцинство во Сенатот.

Обама инсистира дека нема да преговара со Конгресот во однос на прашањето, велејќи дека претставува легислативна одговорност да се обезбедат фондови за одобрените трошоци. Сепак, бројни републиканци на рокот за подигање на границата за задолжување, и натаму гледаат како на начин за изнудување фискални и други отстапки од демоктратите.

„Прашањето е дали ќе има доволно републиканци за да се усвои мерката“, додаде Колендер. „Ќе бидат потребни 30-40 репубикански гласови во Претставничкиот дом.

Доколку прашањето не се реши пред Претставничкиот дом да избере нов лидер, тоа ќе биде задача на наследникот на Џон Бејнер.

Можно е Сенатот да гласа и прв да ја усвои легислативата, но лидерот на сенатското мнозинтво, Мич Меконел порано неделава се чини дека ја отфрли таа алтернатива.

„Ќе треба да видиме што ќе исрати Претставничкиот дом и ќе реагираме соодветно“, изјави Меконел, додавајќи дека републиканците во Сенатот „не претпочитаат чиста граница на задолжување“.

„Ова е продолжение на влада-во-криза, присутна последниве неколку години“, вели аналитичарот Колендер. „Границата на задолжување не е поврзана со одобрување на дополнителни трошоци, туку се однесува на отплата на сметките од минатото“.

XS
SM
MD
LG