Линкови за пристапност

Справување со загадувачите на животната средина


Според Светската здравствена организација, ако се намали испуштањето на загадувачите на околината со краток век на траење, ќе може да се спасат милиони животи.

Светската здравствена организација (СЗО), во својот најнов извештај наведува дека милионите изгубени животи секоја година, можат да бидат спасени преку намалување на загадувачите на животната средина со краток век на траење. Извештајот на СЗО препорачува намалување на испуштањето на јаглерод, озон и метан.

Јаглеродниот диоксид е главен виновник за глобалното затоплување. Јаглеродот или чадот, метанот и озонот во смог, исто така, придонесуваат за климатските промени и се штетни по здравјето.

Светската здравствена организација вели дека загадувачите на животната средина со краток век на траење, се причина за кардиоваскуларни и респираторни заболувања, вклучувајќи и проблеми со срцето и белите дробови, како и рак на белите дробови. Тие се виновници за повеќе од седум милиони смртни случаи поврзани со загаден воздух.

Го намалуваат и приходот од земјоделството.

Директорката на СЗО за екологија, Марија Ниера, вели дека загадувачите коишто егзистираат и во отворена и затворена околина, имаат силно влијание на климатските промени.

Добра вест е, вели таа, дека тие опстојуваат во атмосферата од неколку дена до 10 години, за разлика од јаглерод диоксид, кој трае стотици, па дури и илјадници години.

„Со фактот што тие се загадувачи со краток век на траење, можеме драстично да ја намалиме нивната штетност и со тоа да се подобри квалитетот на воздухот и да се забави климатската промена. Ќе дојде и до намалување на заболувањата предизвикани од загадениот воздух“, истакна Ниера.

Светската здравствена организација има листа на мерки за намалување на загадувачите од овој вид. На врвот е загадувањето од автомобилите, кое може да се намали со воведување на повисоки и поквалитетни стандарди.

Загаден воздух во затворен простор е уште еден извор на болести и рана смрт. СЗО вели дека за греење и готвење во руралните и сиромашни домаќинства, се користи катран, дрва и керозин. Организацијата додава дека чист и поквалитетен шпорет и грејни тела можат да го намалат ризикот од заболувања.

XS
SM
MD
LG