Линкови за пристапност

Клинтон сведочеше за Бенгази


Маратонското сослушување не донесе ништо ново; Останува на гласачите да решат во што ќе веруваат

Поранешната државна секретарка Хилари Клинтон на Специјалната конгресна комисија за истражување на настаните поврзани со смртоносниот напад од 2012-та на американскиот конзулат во Бенгази, Либија, кажа дека Бенгази и` одзел повеќе сон отколку на сите на панелот заедно.

Клинтон беше единствениот сведок на 11-часовното четврто сослушување за случајот во кој беа убиени четворица Американци, вклучувајќи го и амбасадорот во Либија, Кристофер Стивенс.

Републиканците тврдат дека имало многу недоследности во објаснувањата на Клинтон за тоа што се случило и што можело да се направи за да се избегне овој инцидент. Тие исто така мислат дека претходно спроведените истраги не биле доволно детални.

Репуликанците, конкретно, сакаат да дознаат дали се работи за планиран терористички напад кој можел да биде спречен со соодветно спроведени безбедносни мерки или бил дел од протестите во регионот против исмевањето на Исламот.

Маратонско сослушување

За време на 11-часовното сослушување, Клинтон на моменти делуваше како да се досадува и губи трпение, велејќи дека никогаш и никаде не може да се спроведе беспрекорно обезбедување.

„Америка мора да биде лидер во овој опасен свет и нашите дипломати мора да продолжат да не` претставуваат во небезбедни земји“, рече Клинтон. „Ние неминовно мораме да го прифатиме ризикот за да ја заштитиме нашата земја и да ги креваме нашите интереси и вредности.“

Додека некои републиканци велат дека Клинтон ги игнорирала барањата на амбасадорот Стивенс за зголемување на безбедноста во Бенгази, таа вели дека таквите барања никогаш не дошле до неа лично, туку биле во надлежност на експертите за безбедност.

Таа ги негираше информациите дека на тогашниот секретар за одбрана, Леон Панета, му дала наредба маринците да се повлечат за време на нападот:

„Се разбира дека не е точно. Логистиката и далечината спречи тие да пристигнат во Бенгази побрзо“

Се смета дека во деновите после нападот, од страна на службениците на администрацијата на Обама, имало извештаи со променливи содржини. Клинтон рече дека имале блиска соработка со службата за разузнавање.

„Најверојатно имало многу различни мотиви за нападот“, вели таа. Но и после три години и голем број истраги, се` уште не е јасно зошто конзулатот бил нападнат.

Политика

Клинтон е лидер меѓу демократите во трката за претседателските избори во 2016 година. Многумина демократи ги обвинуваат републиканците дека сослушување го користат за уништување на нејзината шанса да биде следниот претседател на САД.

Републиканецот од Јужна Каролина, Треј Гауди, на почетокот на сослушувањето, нагласи дека тоа не е неговата цел.

„Госпоѓо секретарке, јас ги разбирам луѓето и од двете партии, кои велат дека оваа истрага е за вас. Ве убедувам дека не е.“

Поддржувач на Клинтон и демократ од Мериленд, Илаја Камингс, оваа истрага ја нарече губење време и пари.

„Невозможно е за разумен човек да продолжи да негира дека оваа истрага е непотребно трошење на милиони долари, се` со цел да се наштети на нејзината претседателска кампања.“

Каминг и Гауди влегоа во вербален дуел по прашањето дали јавно да се објави сведочењето зад затворени врати на помошникот на Клинтон, Сидни Блументал, кој комуницирал со неа преку електонски пораки за Либија.

Ниту републиканците, ниту Клинтон не излегоа победници од целодневниот распит и останува на гласачите да решат дали ги одобруваат или не постапките на Клинтон во врска со случајот Бенгази.

XS
SM
MD
LG