Повеќе од полoвина милион бегалци и мигранти од Турција, пристигнале во Грција по небезбеден пат, преку Медитеранското море. Агенцијата за бегалци на ОН, известува дека бегалците и мигрантите сакаат што побрзо да дојдат до Грција пред да дојде зимата и студеното време, кога доаѓањето до Европа по морски пат, нема да биде опција.
Портпаролот на УНХЦР, Мелиса Флеминг, предупредува дека напливот на луѓе ги зголемува тензиите на малите грчки острови.
Таа забележува дека 27.500 луѓе на островите чекаат да бидат регистрирани или превезени на копно.
Во меѓувреме, помеѓу толпата доаѓа до повремени насилни инциденти, а постоечките прифатилишта немаат капацитет да ја регистрираат, земат отпечатоци и испитаат оваа толпа на луѓе.
Прифатилиштата мора да имаат соодветни услови, потребни за оваа голема задача. Без основните елементи не е возможно да се случи релокацијата на бегалците и мигрантите.
Европската унија се согласи да прифати 160.000 бегалци во земјите членки, но, до сега само 19 се релоцирани.
Флеминг вели дека границите околу Балканот се повторно отворени. Таа потрврдува дека УНХЦР ја дава потребната помош, вклучувајќи храна, вода и ќебиња за „заглавените“ на српско-хрватската и хрватско-словенечката граница.
Со паѓање на температурите, студот и дождот, ситуацијата станува се` полоша.
Криумчарите се свесни дека нивниот бизнис во следните неколку недели ќе опадне. Флеминг вели дека тие нудат попуст за нивните услуги и ги претоваруваат нивните мали чамци со повеќе луѓе од дозволеното, за да ги пренесат преку Медитеранското море.
УНХЦР извести дека 19 луѓе ги изгубиле животите во последните девет дена, во пет различни инциденти за време на пловење по морето од Турција кон Грција.