Каролин Снaјвели е археолог и професор на Колеџот Гетисбург во Пенсилванија. Таа веќе 15 години истражува локалитет во близина на Кратово, a секоја година носи студенти во Македонија за да го сподели со нив искуството од теренска работа на Големо Градиште, во селото Коњух. Локалитет за кој вели дека има огромна вредност. Таа верува дека заедничките меѓународни истражувања се проверен концепт за размена на знаења и искуства:
„Служат како катализатор, ако се донесат луѓе од надвор со нови идеи, техники, понекогаш и нова технологија. Некои од студентите ќе можат да се обучуват во овие техники и можат да дискутираат за идеи. Мислам дека видовме позитивни промени во текот на 1970-тите години со меѓународниот карактер на проектот Стоби, за кој сум убедена дека влијаееше на цела генерација на археолози“.
За Македонија Снајвели вели дека има огромно арехеолошко богатство, кое понекогаш е тешко да се заштити и истражи. Но за неа подеднакво важно е истраженото да се презентира на јавноста.
Нејзин личен интерес е доцната антика, времето кога според неа римската империја почнува да исчезнува од Балканскиот Полустров.
„Секоја година држам предавање во Колеџот на Гетисбург за моите колеги и студенти. Некои од нив секоја година внимателно следат што се случува со истражувањата. Секоја втора година имам презентација пред Археолошкиот институт на Америка и пред Американското археолошко друштво, а учествував и на неколку македонски археолошки состаноци“, кажа таа.
Меѓу тие средби на стручно ниво е и учеството на Меѓународниот византиски конгрес и Конгресот за христијанска археологија.
На нашето прашање за можностите за економски развој на руралните средини во Македонија кои имаат археолошко наследство, таа одговори дека од лично искуство знае дека локалното население е заинтересирано за развој на селскиот туризам. Сепак предупредува дека е потребна дополнителна работа на патната и другата инфраструктура, како и посветување поголемо внимание на презентацијата на културното наследството.
Снајвели следната година планира да продолжи да работи на дваархитектонски комплекси каде работата ја започнала пред неколку години, и со нетрпение очекува да види што ново ќе излезе од земјата во Коњух.
Во меѓувреме таа интензивно работи на сумирање на архелошките истражувања додека предава на Катедрата за класични студии. Се надева дека со нејзините публикации ќе придонесе за поголема застапеност на македонската археологија за која вели дека има многу да му понуди на светот.