Маратонските разговори во резиденцијата на ЕУ амбасадорот Аиво Орав меѓу лидерите на четирите партии потписнички на договорот од Пржино и еврокомесарот Јоханес Хан не донесоа напредок кој ќе обезбеди понатамошна ефикасна имплементација на политичкиот договор за излез од кризата.
Вчерашниот неуспех под знак прашање ги доведе и европските перспективи на државата.
Во четири часот изутринава комесарот Јоханес Хан го напушти Скопје, како што рече, разочаран од неуспехот да се постигне договор.
„Разочаран сум, ова беше лош ден, но се` уште сум оптимист. Политичките лидери треба да ја сфатат сериозноста на ситуацијата и да покажат лидерство. Не може Европа да носи одлуки за македонските лидери“, рече Хан и ја напушти резиденцијата на ЕУ во Пржино.
Хан во изјавата потсети дека овој неуспех на преговорите може да се одрази на македонските евроинтеграции со оглед дека за околу две недели се очекува објавувањето на извештајот за напредокот на Македонија и прашање е дали ќе има препорака за пристапни преговори со ЕУ.
Како што изјавија претставниците на политичките партии најголем дел од времето било потрошено на тоа дали ќе се забрани објавувањето на веќе објавените бомби како што веќе бараа ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ и каква ќе биде улогата на новите заменици министри во владата.
„Нема да дозволиме воведување неевропски закони, тука беше главниот проблем и ветото на замениците министри. Се` е едноставно. Ако нема договор ние нашите ставови јавно ќе ги кажеме. Нашата позиција е дека не смее да има пет години затвор за новинар или медиум ако објави материјал од „бомбите“. Наместо да одиме кон ЕУ, ние назадуваме. Не може никој да даде согласност за такви закони“, изјави Зоран Заев по средбата.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски избегна да даде изјава а на место него тоа го стори пратеникот од оваа партија Илија Димовски. Тој потврди дека најголем дел од времето се потрошило на објавувањето на бомбите како и на начинот на кој ќе функционираат новите заменици министри во новиот состав на владата кој според договорот треба да бидат избрани денеска.
„Има приближувања на ставовите и Изборниот законик може уште денеска да се најде во Собранието“, рече Димовски.
И Димовски и Заев оставија можност, сепак, во текот на денешиот ден да дојде до некаков прогрес најавувајќи дека работните групи ќе ги продолжат разговорите.
„Остануваат уште 20 часа да се имплементира законот за специјален јавен обвинител и да се избере техничката влада за да се испочитуваат договорите од Пржино“, рече Заев.
Претседателите на ДУИ и ДПА, Али Ахмети и Мендух Тачи ги напуштија разговорите многу порано без да дадат изјави.