Линкови за пристапност

Конгресот и границата на задолжување


Претседателот смета дека работа на законодавците е да обезбедат САД да можат да ги плаќаат сметките

Американскиот Конгрес се соочува со сериозен фискален рок во време на голема неизвесност на Капитол Хил. Законодавците се враќаат на работа после еднонеделната пауза, не знаејќи кој ќе биде лидер во Претставничкиот дом.

Помина речиси еден месец откако спикерот на Претставничкиот дом, Џон Бејнер, најави оставка на местото и заминување од Конгресот на крајот на овој месец.

Наследник се` уште нема. Конгресменот Пол Рајан, републикански потпретседателски кандидат на изборите во 2012-та, продолжува да дава отпор на притисокот од партиските лица да се кандидира за местото.

Бејнер, најверојатно ќе биде принуден да остане повеќе отколку што би сакал.

Згора на тоа, минатата недела, Одделот за финансии го информираше Бејнер дека владата на САД ризикува да остане без пари ако до 3-ти ноември не е кренат лимитот на позајмување.

„САД, за прв пат во историјата, ќе бидат во ситуација да не можат да си ги платат сметките“ во четвртокот изјави портпаролот на Белата куќа, Џош Ернест.

Многу републиканци, посебно радикалните, веќе долго време одбиваат да гласаат за поместување на границата на позајмување, освен, доколку оваа мерка не е придружена со фискална реформа со цел да се забави темпото со кое Америка се задолжува.

„Да бидам искрен, сакам да видам дека републиканците се борат за нешто. За било што“, рече републиканскиот сенатор и кандидат за претседател Тед Круз, на емисијата „Средба со новинарите“ во неделата на телевизијата НБЦ.

„Имаме долг од 19 трилиони долари. Проблемот е во тоа што имаме 18 трилиони долари вредна економија“, рече друг претседателски кандидат и републикански сенатор, Марко Рубио, за време на неодамнешен кампањски собир.

Претседателот Барак Обама кажа дека нема да преговара за границата на позајмување, велејќи дека е работа на Конгресот да избегне катастрофална ситуација за САД околу ликвидноста.

„Зголемувањето на границата не значи авторизација на дополнителни трошоци. Едноставно, му дозволува на Одделот за финансии да ги покрие трошоците на кои Конгресот веќе се согласил“, кажа Ернест.

Покрај кревањето на плафонот за задолжување, на 11-ти декември истекува конгресното авторизирање на финансирањето на владата, по што може да настане делумно затварање на федералната влада. Дискусиите меѓу Белата куќа и конгресните лидери наводно напредуваат, но не е јасно дали и кога ќе дојде до гласање.

XS
SM
MD
LG