Линкови за пристапност

Турција собори летало близу границата со Сирија


Се претпоставува дека најверојатно е беспилотно летало на руската авијација

Турција објави дека соборила летало од непознато потекло, кое без дозвола го прелетувало нејзиниот воздушен простор близу сириската граница.

Во извештајот што го објави турската армија се вели дека леталото игнорирало три предупредувања, пред турските воени авиони да го соборат.

Турската новинска агенција НТВ изјави дека станува збор за беспилотно летало кое било соборено откако навлегло 3 километри во турскиот воздушен простор, блиску до сириската граница.

Неименуван американски извор за Ројтерс, вели дека најверојатно, беспилотното летало припаѓало на руската авијација, додека рускиот министер за одбрана рече дека сите руски авиони во Сирија, безбедно се вратиле во базата и сите беспилотни летала „оперирале според планираното“, кусо време откако турските власти објавија за соборувањето на летало.

Претходно, за време на четири и пол годишната граѓанска војна во Сирија, Турција има соборено сириски борбени авиони и хеликоптери поради нарушување на нејзиниот воздушен простор.

Неодамна, најмалку во два наврата, Турција приговараше за непочитување на нејзиниот воздушен простор од страна на руските борбени авиони.

Москва веќе две недели изведува воздушни напади за поддршка на сирискиот претседател Башар ал-Асад и неговата влада.

Анкара, пак, која ги поддржува сириските бунтовници, остро ја критикува руската воена интервенција.

XS
SM
MD
LG