Линкови за пристапност

Полемика за преполовениот тим на Јанева


Американскиот амбасадор Џес Бејли смета дека на специјалната обвинителка Катица Јанева треба да и` биде овозможено да ја врши работата.

„Јанева веќе даде изјава и кажа дека ќе започне да ја врши нејзината важна работа и ќе продолжи да се залага за обезбедување на потребниот персонал и ресурси што и` се потребни. Ќе напоменам дека 108 пратеници на Парламентот, четирите политички партии и Советот на обвинители ја избраа едногласно поради нејзиниот професионализам и правичност и мислам дека тие би сакале да и' ги дадат средствата што таа смета дека и' се неопходни за да ја спроведе нејзината важна работa“, изјави денес американскиот амбасадор Џес Бејли. Тој истакна дека тимот што го бара специјалната обвинителка Катица Јанева и нејзините планови за работа на специјалното обвинителство, треба да и` бидат овозможени.

Претходно, амбасадата на САД изрази загриженост по повод одлуката на Советот на јавни обвинители да одобри само седум од 14 кандидати за помошници-обвинители, предложени од Јанева, и потецнираше дека „ја разгледува ситуацијата“. Во заедничката изјава пак, на САД и на ЕУ беше потецирано дека е од суштинска важност, „Советот на јавни обвинители да ја изврши својата улога согласно законот за водење на истраги за прислушуваните комуникации и да го именува тимот на г-ѓа Јанева, за да може нејзиното Обвинителство да почне да го извршува својот мандат и своите задачи независно и без да трпи каква било форма на политички притисок“.

И Делегацијата на ЕУ и амбасадата на САД „се подготвени да помогнат доколку тоа се побара од нив и да обезбедат обука и техничка помош за канцеларијата на јавниот обвинител да води истрага за прислушуваните комуникации“.

Откако Советот на обвинители вчера го преполови тимот на Јанева, неприфаќајќи ниеден од предложените обвинители од скопското Обвинителство, специјалната обвинителка Јанева изјави дека секако ќе работи дури и со половина тим.

„Јас не очекував ништо мазно да оди, јас цел месец веќе работам сама. Имам еден помошник, и понатаму ќе продолжам да работам и со половина тим и постојано ќе доставувам барање за да ми се дополни тимот“.

Засега, од нејзините предлози Советот на обвинители ги прифати Бурим Рустеми, Елизабета Јосифовска, Лејла Кадриу, Љубомир Лапе, Марија Ѓорѓева, Стевчо Донев и Фатиме Фетаи. Јанева бара нејзиниот тим да биде избран: „Советот со ова го прекрши Законот за специјално јавно обвинителство и го узурпира самиот договор во Пржино, се надевам дека во најскоро време ќе ја корегираат нивната одлука. Леташе авионот за да се потпише указот, јас другиот ден бев избрана од сите партии и затоа ја прифатив оваа задача за која мислам дека имам капацитет да ја сработам, си го сакам мојот тим“.

Ако се избереа сите обвинители на Јанева, опозицијата немаше да ги напушти преговорите за излез од кризата, и со затворањето на изборниот пакет, на дневен ред ќе дојдеа и законите за пријавувачите и за ограничување на емитувањето на прислушуваните снимки, а потоа и пореземањето на министерствата за внатрешни работи и за труд и социјала, од кадри на опозицијата.

Но, јавниот обвинител Марко Зврлевски по состанокот на Советот, изјави дека немало ни причина некој да се сомнева во Јавното обвинителство и да се формира специјално обвинителство.

„Недовербата кон Јавното обвинителство на Република Македонија и другите обвинителства е неоснована, постои голем револт што е избрано паралелно обвинителство. Тоа е навреда на целото обвинителство, затоа што со ништо не покажало дека не работи. Немало причина некој да се посомнева за да се формира некое специјално. Ние не сме политичка институција и нас политичките договори не нè интересираат. Ние постапуваме согласно законот, ако некој донесе политичка одлука да формира политичко обвинителство јас се гордеам што ние не сме политичко обвинителство, а тоа нека си постапува согласно политиката“, истакна Зврлевски. Тој не смета дека Советот го прекршил законот, со одобрување на само седумина обвинители за тимот на Јанева, затоа што, според него, обвинителствата немале доволно луѓе за работа. Според него, токму Специјалното обвинителство е политичко, бидејќи е избрано со политички договор и најави иницијатива за оценување на неговата уставност.

„Ќе поднесеме иницијатива за уставност. Согласно законот, јавното обвинителство е надлежно да покрене иницијатива секогаш кога со некој акт е повредена законитоста и уставноста, таа иницијатива ќе биде поднесена наскоро“, беше дециден Зврлевски.

Сосема спротивно е мислењето на професорот по уставно право, Осман Кадриу, кој во медиумите изјави дека Обвинителството на Јанева е уставно, „но не е оправдана одлуката на Советот за јавни обвинители да се меша во нејзините планови и да го диктира бројот на нејзини соработници. Советот немаше право да го направи тоа, туку требаше само да ги одобри нејзините одлуки како свечен чин“.

Според професорот, обвинителот Зврлевски нема право да оспорува веќе донесени политички одлуки.

„Специјалното јавно обвинителство е формирано затоа што е изгубена довербата во Основното јавно обвинителство поради неостварување на нивната функција за гонење на криминалот. Нашата земја е на прво место по корупција. Зврлевски нека покрене иницијатива, но мое мислење за законот е дека е во рамки на уставот, уставните одредби и овластувања“, изјави професорот.

По најавата на Зврлевски, адвокатот Томе Тодоровски, поднесе Иницијатива пред Уставниот суд со која го оспорува Законот за Јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите. Според него, со „паралелното“ обвинителство, се нарушуваат уставните темелни вредности и владеењето на правото, како и темелните вредности на судството.

XS
SM
MD
LG