Говорејќи во Белата куќа, Обама изјави дека ќе ги задржи сегашните 9800 војници во земјата во текот на поголемиот дел во 2016-та година, пред да го намали бројот до 5500 во време кога тој ќе ја напушти функцијата на почетокот на 2017-та година.
Тој кажа дека американската мисија во Авганистан ќе продолжи да биде на две нивоа: обука на авганистанските сили и спроведување на операции за борба против тероризмот. Кажа и дека авганистанската армија сеуште не е толку силна како што би требало да биде и дека по талибанските придобивки во руралните средини тие можат да продолжат со напади и во урбаните области. Според него безбедносната ситуација во клучните области на земјата и понатаму е мошне кревка и постои ризик за натамошно влошување.
Обама минатата година вети дека ќе ги повлече сите американските сили од Авганистан до крајот на 2016-та година, со исклучок на мал контингент од 1.000 војници стационирани во американската амбасада во Кабул. Тогаш кажа дека е време САД да "свртат нова страница" во војната која ја започнаa во 2001-та година, како одговор на терористичките напади врз САД.
Во меѓувреме Талибан истакна дека американската "окупација" на Авганистан треба да се заврши "во сите форми и треба да се воспостави исламска влада" без странско мешање во внатрешните работи на земјата.
Групата го критикуваше планот на САД и НАТО партнерите да ја продожат постоечката воена мисија во Авганистан до 2016-та.
Официјални лица велат дека ревизијата се случува по неколкумесечни консултации помеѓу Белата куќа, раководството на Пентагон, командантите на теренот и авганистански официјални лица. Одлуката доаѓа откако авганистанските сили накратко ја загубија контролата врз северниот град Кундуз од талибанските милитанти.
Останатите 5.500 американски војници ќе бидат стационирани во Кабул, Баграм, Џалалабад и Кандахар.