Линкови за пристапност

Времето работи против Џо Бајден


По демократската дебата во Невада, каде Клинтон имаше силен перформанс, има ли воопшто место за Бајден?

Општ впечаток е дека поранешната државна секретарка Хилари Клинтон имаше силен настап на синоќешната дебата на демократските претседателски кандидати и некои аналитичари сметаат дека тоа ќе му отежни на потпретседателот Џо Бајден подоцна да се вклучи во претседателската трка.

Бајден се очекува да донесе одлука дали ќе влезе во тркатата следните денови. Таквиот чекор значително ќе ја потресе трката во Демократската партија во која Клинтон работи на задржување на предноста имајќи го товарот на скандалот со електронска пошта и неочекувано силниот предизвик од сенаторот од Вермонт, Берни Сандерс.

Клинтон и Сандерс беа главен фокус на синоќешната дебата, прва меѓу демократската изборна кампања. Клинтон не` разочара и го нападна Сандерс и умешно неутрализираше удари на неколку теми, вклучувајќи го прашањето на контрола на оружјето и економската политика, според неколку аналитичари.

„Таа ја имаше контролата. Беше смирена, релаксирана, фокусирана“, вели демократскиот стратег Грег Вагога за Гласот на Америка.

„И со личното соочување со Берни Сандерс, таа испрати порака до Џо Бајден дека ако тој се вклучи во трката, не се плаши од него“, вели Варога.

Кристофер Влезиен, професор по политички науки на Универзитетот од Тексас, вели дека Бајден може се` уште да ги „помати сметките“, ако одлучи да се вклучи во трката. Но, по синоќа, тоа е веројатно помалку остварливо , рече тој за Гласот на Америка.

„Ако таа имаше неуверлив настап, и другите кандидатите ја нападнаа, ако се покажеше дека не е дорасната за функцијата, тогаш тоа ќе ја зголемеше можноста за вклучување на Бајден“, коментира Влезиен.

„Тој се` уште може да се вклучи, најверојатно и ќе го стори тоа, но не мислам дека работите одат во негова корист по синоќа“, рече овој професор по политички науки.

Сега се поставува прашањето уште колку долго Бајден има време да донесе одлука, со оглед дека доцни во процесот на собирање средства на добротворни настани, и наскоро ближат роковите да се регистира за прелиминарните избори и за гласањето во кокусите.

„Јануари ќе биде премногу доцна“, потенцираше Влезиен.

„Сметам дека тој веројатно има меѓу две до 6-7 недели, пред навистина да донесе одлука “, вели тој.

Неговиот син Бо, кој го повика татко му да се кандидира за претседател, почина во мај од рак на мозокот. Тоа беше последна лична трагедија за човекот кој ја загуби сопругата и ќерката во сообраќајна несреќа пред неколку децении.

Неодамна, Џо Бајден рече дека не е убеден дека има срце, душа и енергија да даде сто проценти во кампањата за претседател на САД. Блиски извори велат дека тој е близу до личната одлука и наскоро ќе ја обелодени.

„По се` што му се случи нему и на неговото семејство, тој работите ги води на свој начин. Не слуша стручњаци и коментатори“, додава демократскиот стратег за претседателски кампањи Боб Шрам за Гласот на Америка.

„Не можам да предвидам што ќе одлучи. Но, верувам, ако одлучи да се вклучи во трката, ќе ја рестартира целата трка. Ќе наметне сериозност и ќе ја направи компликувана. Хилари Клинтон е фаворитка, и таа и натаму ќе има таков статус. Трката ќе биде неизвесна за него, но ќе има вистинска шанса“, вели Шрам.

XS
SM
MD
LG