Линкови за пристапност

Јапонија се приклучи на американско-индиските поморски вежби


Аналитичарите вклучувањето на Јапонија го нарекуваат значаен момент во односот на трите држави.

Индија се согласи да го вклучи Токио на годишната Малабар поморска вежба со САД, осум години откако Њу Делхи под притисок од Кина ги огранчи билатералните воени вежби во Индискиот Океан. Јапонија учествуваше во неколку прилики, но само кога тие беа одржувани во Пацификот.

Аналитичарите вклучувањето на Јапонија го нарекуваат значаен пресврт во продлабочувањето на безбедносното партнерство меѓу трите земји. Тие исто така на тоа гледаат како сигнал дека премиерот Нарендра Моди ја отфрла загриженоста за кинеската чувствителност и се доближува кон Вашингтон и неговите сојузници.

Џеф Смит, специјалист за Јужна Азија од Советот за американска надворешна политика во Вашингтон мисли дека Њу Делхи бил поттикнат од фактот дека „Кинезите почитуваат сила и наместо да се повлече пред нив и да носи одлуки само за да не ја предизвика Кина, Индија се фокусира на градење на сопствени сили и партнерства“.

Учество на Јапонија во вежбите Малабар во Индискиот Океан, веројатно нема да биде еднократно. Се очекува најава за постојана вклученост на Токио, претворајќи ја поморската вежба во трилатерална демонстрација на сила.

Аналитичарите се согласни дека ова ќе биде значајно. Продлабочување на воената соработка меѓу Индија, САД и Јапонија доаѓа во време на растечката кинеска поморска самоувереност, загриженост за судирите во Јужното Кинеско Море, како и загриженоста на Њу Делхи за намерите на Пекинг да го прошири своето присуство во Индискиот Океан.

Сигнал за Кина

Аналитичарите велат дека блиската стратешка соработка на Јапонија, САД и Њу Делхи е поттикната од новата безбедносна реалност во поморското соседството. Индија во последниве години загрижено гледа како Кина им помага на Шри Ланка и Пакистан да изградат пристаништа и понуди сличен предлог на островската земја Малдиви.

Закотвувањето на кинески подморници во Шри Ланка и пристаништето Гвадар во Пакистан во изминатата година исто ја зголеми индиската загриженост.

Но вклучувањето на Јапонија во вежбите не помина незабележано од страна на Пекинг. Портпаролот на кинеското министерство за надворешни работи Хуа Чунјинг изјави: „Ние не сме лесно кршливи и имаме добри односи со Индија и САД. Се надеваме дека активностите ќе придонесат за регионалната стабилност“.

Поморската моќ

Аналитичарите велат дека поморски капацитет вклучен во вежбата Малабар е значителна. Распоредените бродови од страна на САД го вклучуваат носачот на авиони на нуклеарен погон, Теодор Рузвелт и една нуклеарна подморница. Јапонија распореди воен брод - носач на ракети дизајниран за морско и подморничко војување.

Четирите индиски воени бродови вклучуваат фрегата и разурнувач. Софистицирани морски, подморнички и противавионски вежби ќе започнат кога бродовите ќе пристигнат во длабоките води во петокот.

Но, Индија не ги отфрли целосно своите резерви за претворањето на вежбата Малабар во мултилатерални маневри. Австралија не беше вклучена во воени вежби годинава и покрај барање за тоа. Австралија и Сингапур, заедно со Јапонија учествуваа во вежбите Малабар во 2007 година, што предизвика реакции кај Кина.

XS
SM
MD
LG