Линкови за пристапност

Жените се сé порамноправни во политиката


Даниела Димитриевска, Македонско женско лоби
Даниела Димитриевска, Македонско женско лоби

„Има сила во бројките“, тврдат застапничките за рамноправна застапеност на жените на изборните листи, кои сепак, тврдат дека квотите треба да се разберат само како привремена мерка, а не како конечно решение

„Зошто 40%? Оптималниот процент за застапеност на жените во политичкиот живот, за кој се застапувале и кој го легитимизирале низа меѓународни форуми е 40%, бидејќи е неопходна критична маса од 40%, ако сакаме жените да имаат ‘видливо влијание на стилот и содржината на политиките. Учејќи од искуствата, истражувачите покажале дека постои позитивен сооднос меѓу можноста на жените да носат легислатива во полза на родово-чувствителни политики и бројот на жени во парламентот и во советите на локалната власт. Овој број на избрани жени ќе постави нови прашања и ќе воведе нови услуги, согласно животниот стил и родовите разлики. Како што се вели, има сила во бројките!“, изјави за Гласот на Америка на македонски јазик Даниела Димитриевска од Македонското женско лоби – МЖЛ.

По повод ново предложеното законско решение со кое се предвидува 40 проценти од кандидатите на партиските листи за пратеници да бидат жени, што е за десет проценти повисока задолжителна квота за застапеност на жените во политиката, од досегашното решение, Димитровска ни изјави дека „родовите квоти се мерка за еднакви можности, која има за цел на жените да им осигури вклучување во изборната политика, со тоа што ќе препорача, ќе додели мандат и/или ќе им резервира определен број места или процент од местата на кандидатските листи или во парламентот“.

Според Димитриевска, „општо земено, квотите стратегиски целат да им стават крај на бариерите со кои жените традиционално се соочуваат кога се обидуваат да учествуваат и да пристапат до сферите во кои се донесуваат одлуки. Тргнувајќи од сознанието за значителната нерамнотежа меѓу политичкото претставување на мажите и на жените, квотите се обидуваат да ги намалат овие нерамномерности, со тоа што ќе го израмнат теренот. Квотите го гарантираат присуството на жените во сферата на политиката со тоа што за нив резервираат места и на тој начин востановуваат минимално ниво на учество. Сепак, квотите треба да се разберат како привремена мерка, а не како конечно решение за ниското политичко учество на жените“.

Прашањето за квотите во Република Македонија за првпат, на почетокот од 2000 година, го постави женското движење, организирано токму преку Македонското женско лоби, а како реакција на малото присуство на жени во Собранието.

„Прашањето беше поставено и врз основа на препораките на конвенциите и декларациите потпишани од Република Македонија. По кампањата организирана од МЖЛ, во 2002 година, за првпат беше воведена квота од 30% -учество на кандидатки на изборните листи. Оваа интервенција поттикна зголемено учество на жените, но далеку под зацртаната квота од 30%. Во 2005 година, МЖЛ лобираше за квота која ќе обезбеди поправеден распоред на кандидатките на горната и долната половина на листата, а резултат беше учество на жените од 20%. Дури во 2006-тата, беше промовирана квота која оствари учество на жените од 30%... Денес се бориме за квоти од 40% кои ќе не водат кон паритет и еднакво присуство на кандидирани и избрани мажи и жени“, ни изјави Димитриевска.

Во контекст на потребата на македонското општество „за споделување и развој на севкупните демократски стандарди на толеранција“, новиот предлог веднаш го поддржаа малите партии, Либерално-демократската партија, Демократската обнова на Македонија и Демократскиот сојуз, кој побара и рамномерен родов баланс во македонската политика.

Според Димитриевска и досегашните искуства покажуваат дека квотата од 30%, правилно распоредена - помеѓу секое трето место, едно да биде за помалку застапениот пол - функционирало и дало резултат и во Собранието и во лакалната самоуправа.

„Државната изборна комисија има одредба со која, ако овие услови не се испочитувани, да не ја прифати листата што ќе резултира со неучество на изборите. Од друга страна, постои и заштита на избраните жени, со тоа што доколку една избрана жена го отстапи местото, само друга жена, т.е. следната жена од листата, може да го заземе местото. Иако во јавноста има голема полемика за тоа што жените предложиле, и кои биле законските измени, нашите сознанија посочуваат дека поголем број закони од интерес на жените и мажите, биле донесени откако постои квотата, отколку пред неа“., вели Димитриевска.

Таа истакнува дека уште поголеми резултати се постигнати во локалната самоуправа, „каде се воведени политики на локално ниво, а предвидуваат услуги со кои се олеснува животот на жените“.

Покрај родовата еднаквост, Димитриевска потенцира и дека доколку избраните и парламентарци и советници, не се стриктно врзани со партиските линии и одлуки, тие можат во голема мера да дадат поголем придонес кон граѓаните.

XS
SM
MD
LG