Линкови за пристапност

Скандалот што ја прогонува Хилари Клинтон


Иако претседателската кандидатка ја промени тактиката на одговарање на критиката, прашањето останува

Додека Хилари Клинтон продолжува да биде лидер од демократската партија во трката за номинација за претседател на државата, нејзината кампања се` уште се соочува со месеци стариот скандал за употреба на нејзината приватна електронска пошта во периодот кога била државна секретарка.

Контроверзата е во врска со одлуката на Клинтон да користи приватна електронска адреса, на приватен сервер за службени потреби, наместо оној на Стејт департментот, кој теоретски има подобра заштита од хакери.

Кога и`било укажано дека употребата на приватната електронска пошта било „грешка“, таа инсистирала дека не прави ништо нелегално. Одговорот беше дека – така било поедноставно, зашто елиминирало потреба од носење на посебни мобилни уреди за работа и приватни потреби.

Откако во март случајот беше обелоденет, Клинтон се согласи да предаде над 55.000 службени имеил пораки на Стејт департментот за да бидат јавно објавени. Потоа беше проблем што таа наводно избришала повеќе од 30,000 пораки за кои нејзините соработници сметале дека се приватни.

Случајот доби политичка важност со нејзината кандидатура за претседател. Се поведоа две паралелни истраги, од ФБИ и од конгресна комисија предводена од републиканци.

Дали Клинтон го прекршила законот?

Една причина поради која скандалот со електронаската пошта е важен е затоа што законот прецизира дека свесно отстранување или чување на класифициран материјал на „недозволена локација” е казниво дело, со парична казна или затвор до една година.

Но не е сигурно дали има место за ова бидејќи Клинтон постојано повторува дека таа никогаш намерно не испратила или добила информација којашто била класифицирана.

Исто така, се поставува прашање дали обидот на Клинтон да ги елиминира сите приватни имејли од серверот е злоупотреба на федералниот акт за документирање, што ги спречува владините службеници да бришат официјална кореспонденција.

Адвокатите на Клинтон инсистираат дека ниеден од приватните дописки примени или испратени, во времето кога таа беше државен секретар, не треба да бидат гледани како владини документи. Нејзините противници сметаат дека Клинтон и нејзините вработени не одлучуваат дали некоја информација е приватна или е официјална комуникација.

Дали информациите биле заштитени?

Критиките исто така ја обвинува Клинтон за загрозување на националната безбедност со складирање на важни дипломатски известувања на небезбеден сервер со несоодветна безбедносна заштита.

Асошиејтед прес тврди дека хакери од Кина, Јужна Кореја и Германија, имале неколку обиди да го нападнат серверот откако Клинтон заминала од позицијата во 2013 година.

Не се знае колку сериозни биле тие обиди, но извештајот вели дека биле блокирани од страна на неспецифициран продукт за набљудување на закани.

Дали е редовна пракса?

Иако, употребата на приватна електронска пошта за службени потреби не изгледа дека е добра пракса за врвни службени лица, поддржувачите на Клинтон тврдат дека дека и нејзини предходници така работеле.

Според Политико, поранешниот државен секретар Колин Пауел исто така признал дека го користел приватниот имејл за службени потреби, за време на неговиот мандат како американски висок дипломат.

Други две поранешни државни секретарки Кондолиза Рајс и Маделин Олбрајт, изјавиле дека не употребувале често електронска пошта во работата.

Скандалот и шансите за номинација

Според најновите анкети, од мај до сега, Клинтон има загубено 20 проценти од поддршката на поддржувачите, иако невозможно е да се знае колку скандалот влијаел на тоа.

Во последно време, Клинтон ја промени тактиката. Наместо негирање дека направила нешто погрешно, минатиот месец кажа: „Гледајќи наназад, иако беше дозволено, јас требаше да употребувам две посебни имеил адреси. Направив грешка. Жалам поради тоа. Ја преземам одговорноста” изјави за АБЦ телевизијата.

Нема многу знаци дека прашањето ќе исчезне во догледно време.

XS
SM
MD
LG