Најновото истражување за американската политика покажува дека милијардерот во бизнис со недвижнини, Доналд Трамп, во обидот да ја добие републиканската претседателска номинација за 2016-та година, води во три клучни држави во САД.
Поранешната државна секретарка Хилари Клинтон, која се бори за демократската номинација има намалена предност во истите држави, соопшти Универзитетот Квинипек, при објавувањето на резултатите од истражувањето направено деновиве.
Од Квинипек велат дека анкетирале гласачи од државата од средниот запад на САД, Охајо, соседната Пенсилванија и јужната држава Флорида заради важноста на овие држави во американските претседателски избори.
Од 1960-та година, ниту еден кандидат не бил избран за претседател, без да победи во две од овие три големи држави.
Кај републиканците во Охајо води Трамп со 23 проценти втор е поранешниот неврохирург Бен Карсон со 18 проценти и трет е државниот гувернер Џон Касик со13 проценти.
Во Пенсилванија, Трамп со 23 проценти има најголема поддршка кај републиканците, втор е Карсон со 17 проценти и трет е гувернерот на Флорид, а Марко Рубио со 12 проценти.
Во Флорида, републикаците го фаворизираат Трамп со 28 проценти, Карсон со 16 проценти и Рубио 14 проценти.
Во демократската трка, Клинтон води во сите три држави пред сенаторот од Вермонт, Берни Сандерс, демократски социјалист, кој водеше кампања против моќта на големите бизниси во САД, и сегашниот потпретседател на САД, Џо Бајден, кој размислува за влегување во трката за демократска претседателска номинација.
Квинипек вели дека хипотетички размислувано, Бајден најверојатно би бил подобар соперник на републиканците отколку Клинтон.
Истражувањата на Квинипек покажуваат дека иако Трамп и Клинтон водат пред нивните противници, гласачите им даваат лоша оценка кога станува збор за искреност и доверба.