Во период од неколку месеци голем број на мигранти пристигнаа во Европа од стари лица до новороденчиња, и многу од нив болни или повредени. Сите имаат потреба од покрив над глава, храна и медицинска помош.
Хрватска, во период од две недели,прифати десетици илјади мигранти. Претседателот на државата, Колинда Грабар – Китарович од Генералното собрание во Обединетите нации апелираше за глобална помош.
„Од средината на септември, околу осумдесет илјада луѓе влегоа во Хрватска. Заедно со уште неколку соседни југоисточни земји силно сме засегнати од оваа криза“, изјави таа.
Европската унија вети финансиска помош за балканските земји , коишто не се дел од ЕУ. Од геополитички причини, мора повеќе да и` се помогне на Србија, тврди Џејмс Кер – Линдзи од Економското училиште во Лондон.
„Што ќе се случи доколку Србија е оставена сама да се справува со проблемот? Всушност, веќе има скептици во Европа. Рускиот амбасадор во Белград веќе изјави – Гледајте, на ЕУ не и` е грижа“.
Германија очекува еден милион барања за азил оваа година. Сметките за сместување, образование и социјални грижи се важни, но можат да ја стимулираат економијата, вели Кристијан Одендал од Центарот за Европски реформи.
„Бегалската криза краткорочно ќе биде од корист за Европа, зашто Европејците ќе мора повеќе да го отворат паричникот и тоа ќе ја подобри економијата за краток период“.
Одендал вели дека многу европски држави, вклучувајќи ги Германија, Италија и Франција се соочуваат со опаѓање на растот на населението.
„Кризата со миграните се разбира дека е предизвик, но исто така има и потенцијал да и` помогне на Европа или на делови од Европа да го решат проблемот со демографијaта. Се` зависи од тоа како Европа ќе ги интегрира мигрантите, особено на пазарот за работа“, изјави тој.
Аналитичарите сметаат дека интеграцијата на мигрантите е огромен предизвик, но од друга страна и можност за подмладување на европските економии.