Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху жестоко го нападна иранскиот нуклеарен договор за време на обраќањето пред Генералното собрание на ОН во Њујорк.
„Ако сметате дека олеснувањето на санкциите, и милијардите долари вредни договори ќе ги трансформираат крвожедниот тигар во маче, размислете повторно“, рече Нетанјаху.
Тој призна дека договорот содржи неколку ограничувања на иранската нуклеарна програма и тоа со право. Но, проблемот е што најважните одредби ќе бидат укинати, независно како се однесува Иран во следните 10 до 15 години.
„Израел нема да му дозволи на Иран да го прекрши договорот, и да се провлече во клубот на држави коишто поседуваат нуклеарно оружје“, рече тој.
Нетанјаху го осуди и говорот на палестинскиот лидер Махмуд Абас како отфрлање на мировниот процес. Израелскиот лидер рече дека е подготвен веднаш да продолжи со преговорите со палестинската самоуправа, без предуслови.