Линкови за пристапност

Реакции на рускитe напaди во Сирија


Дваесет и осум цивили, вклучувајќи жени и деца загинаа во првите руски воздушни напади во средата во Сирија, тврди групата за следење на опозицијата. Оваа е прва воена акција на Русија надвор од поранешниот Советски Сојуз, по окупацијата на Авганистан во 1979 година, и може да биде почеток на долга поддршка на Кремљ за режимот на претседателот Башар ал-Асад.

Руски официјални лица ги отфрлија тврдењата дека во 20 воздушни удари биле убиени цивили. Нападите главно биле насочени кон Растан Талбисех и Зафаранија, во провинцијата Хомс. Во среадата вечерта биле погодени уште четири други цели.

„Тенденциозни и лажни извештаи ги преплавија западните и регионалните медиуми, кои тврдат дека руската воена операција предизвика цивилни жртви и дека е насочена против про-демократските сили и мирното население“, изјави Марија Захарова, портпаролка на Министерството за надворешни работи на Русија.

Телевизијата „Русија Денес“ контролирана од Кремљ ги обвини западните медиуми за некритично известување портретирајќи ја „Русија како негативец“ објавувајќи текстови и фотографии на жртви. Се вели дека сликите објавени на интернет од страна на групите за човекови права се стари и се направени пред руските воздушни напади извршени од страна на воените авиони за копнени напади Су-24 и Су- 25, кои полетале од аеродромот Басел ал-Асад, во провинцијата Латакија во Сирија.

Сириската опсерваторија за човекови права, мониторинг група со седиште во Лондон, која се потпира на мрежата на политички активисти во Сирија, вели дека документирала 28 цивилни жртви, пет од кои биле жени и шест деца. Сириската Националната коалиција која ги има симпатиите на западот тврди дека биле убиени 38 цивили.

Во соопштението на коалицијата се критикува Русија за спроведување на воздушните напади, нарекувајќи ги „брутални“ и ја обвинуваат Москва дека не се придржува кон обврските од „Коминикето од Женева“, со кој се забранува ескалација на насилството и се повикува за преземање мерки за намалување на насилството.

Се додава дека „руски воздушни напади, во кои загинаа околу 40 луѓе, заедно со извештаите дека Русија распоредува специјални воени единици во воени објекти и воздухопловни бази во Сирија, се подготовка за копнени операции, претставуваат акт на агресија ... и тоа го зајакнува уверувањето дека Москва стана партнер на режимот на Асад во извршување на воени злосторства против човештвото и против Сиријците. Ова ги поткопува тврдењата на Русија дека се бара политичко решение за кризата. Всушност Русија го поддржува режимот кој се распаѓа и кој го изгуби сиот легитимитет да владее.“

САД и западните земји исто така ја критикуваа руската воена интервенција.

Во средата, американскиот секретар за одбрана Аш Картер одлуката на Русија да започне воздушни напади во Сирија ја поистовети „со додавање масло на огнот“ на четири-годишната граѓанска војна во таа земја. Тој, исто така рече дека руските воздушни напади во Сирија најверојатно погодиле села во кои нема ектремисти на Исламската држава, туку постои присуство на бунтовнички групи кои се борат против режимот на Асад.

Руски официјални лица инсистираат дека цел на нападите била Исламската држава била цел и тврдат дека уништиле оружје и депоа за гориво на терористичките групи, како и командни центри.

Сириските активисти во Хомс ги отфрлија руските тврдења. Велат дека нападите се врз бунтовнички групи и милиции, и најмалку врз една бригада, на која и било испорачано оружје од страна на САД. „Нападите во средата покажа дека целта на Русија во Сирија не е ИСИС, туку бунтовнички групи кои се борат против Асад“, изјави Салех ал-Зеин од исламистичкиот Ал Шамиа фронт. „Тие ги напаѓаат бунтовничките сили под изговор за борбите против ИСИС“, рече тој.

Портпаролот на руското Министерство за одбрана, генерал-мајор Игор Конашенков на новинарите во Москва им кажа дека подготовката за воздушните напади била извршена брзо, во време кога рускиот парламент ја одобрил употребата на сила во Сирија. „Тоа беше можно, бидејќи најголем дел од материјалите и муницијата беа подготвени во нашите депоа во Тартус. Требаше само да ги пренесеме нашите авиони и да доставиме дополнителна опрема“, рече тој.

Надградбата на поморската база во Тартус, заедно со воздушните операции на Русија „укажуваат на решеноста на руското раководство дека се подготвува за понатамошна долгорочна поддршка за сирискиот режим“, се вели во истражувањето на вашингтонскиот Институт за проучување на војна.

„Проширувањето на поморската објект во Тартус ја одразува руската намера да обезбеди постојано стратешко стационирање во Сирија во согласност со нејзиното формирање на воздухопловната база на меѓународниот аеродром во Басел ал Асад“, велат истражувачите.

Бунтовнички команданти велат дека се вознемирени од трупањето на редовни и паравоени сили во провинцијата Хама, каде што и нападнаа руските воени авиони. Тие се сомневаат дека владините сили ќе започнат копнена офанзива против бунтовниците на висорамнината Ал Гхаб.

XS
SM
MD
LG