Линкови за пристапност

Македонија: Изгласано продолжение на кризната состојба


Пратениците ја прифатија одлуката на владата делови на државата да останат со статус на кризно подрачје до 15 јуни 2016-та

Откако по истекувањето на првичниот рок од 30 дена, Владата на вчерашната седница донесе Предлог-одлука за одобрување на продолжување на рокот за постоење на кризна состојба на дел од јужната граница на Македонија, прогласена на 20 август, денес и членовите на собраниската Комисија за одбрана и безбедност, ја поддржаа ваквата одлука.

По бегалскиот бран летово, поради зголемениот обем на влез и транзитирање на мигранти и бегалци, претседателот на Македонија со указ нареди ангажирање и на Армијата на Република Македонија на македонско-грчката граница кај Гевгелија, а на денешната собраниската седница, пратениците ја прифатија анализата и проценката на Владата, и со 82 гласа – „за“’ и ниту еден против, ја продолжија кризната состојба до 15 јуни 2016.

Пратениците го прифатија ставот на Владата дека од почетокот на годината, низ Македонија транзитирале околу 300.000 мигранти и бегалци и дека е неопходно продолжување на кризната состојба.

Пред пратениците се обратија министрите за внатрешни работи и за одбрана Митко Чавков и Зоран Јолевски, според кои, ситуацијата со бегалската криза ќе се влошува и во наредниот период.

Опозицијата реагираше дека во периодот на продолжување на кризната состојба се и предвремените праламентарни избори во април следната година, закажани со посредство и на меѓународната заедница поради длабоката политичка криза во која се наоѓа Македонија, а пратеникот од малата партија, Демократскиот сојуз, Павле Трајанов, излезе со став дека треба да се изнајде начин мигрантите да се стационираат во соседните земји или, како што рече, „поголемите земји како Германија, Англија, Франција, Норвешка... да обезбедат воздушен мост и мигрантите организирано да бидат превезувани“, со авиони до дестинациите во Западна Европа

Засега, од грчка страна секојдневно по неколку илјади бегалци и мигранти, преминуваат на македонска територија, која ја контролираат припадниците на Единицата за брзи реакции на полицијата и Воената полиција, и тие по кусиот престој во Транзинтниот камп, со автобуси и возови се транспортираат кон Табановце на македонско-српската граница.

Во периодот од 19 јуни до 15 септември се издадени потврди на вкупно 77.674 странски државјани.

На нашето прашање за идните чекори на Владата и за плановите за евентуална реакција на Македонија во случај на негативен расплет на настаните, портпаролот на Владата Александар Ѓорѓиев не коментираше.

Така, единствен став на Владата засега е оној на министерот за надворешни работи Никола Попоски во интервјуто за унгарскиот неделник „Фигело“,дека Македонија ја разгледува можноста за изградба на ограда на својата граница слично како што тоа го стори Унгарија. Попоски најавил дека на Македонија веројатно „ќе и треба некоков вид на физичка одбрана, иако тоа нема да биде долгорочно решение.“

Непосредно пред доаѓањето во Скопје, еврокомесарот за преговори за проширување Јоханес Хан, во Брисел потврди дека Европската комисија решила да обезбеди финансиска помош преку Инструментот за предпристапна помош (ИПА) за Македонија за справување со бегалската криза. „Земјите од Западен Балкан не смеат да станат паркинг или ничија земја за бегалците. Тоа би било геостратешка грешка и нам ни требаат студени глави од сите страни, а не тешка реторика. Токму затоа, за помош во миграциските акции во овие земји, со цел градење на прифатни центри и друго, Србија ќе добие 45 милиони евра, а Македонија – 24 милиони евра, па ако е потребно, подготвени сме да обезбедиме дополнителни пари“, изјавил Хан.

XS
SM
MD
LG