Линкови за пристапност

Со „Горбачов“ и „Сирија Експрес“ кон неизвесноста


И објективот се замаглува од напливот емоции

„Се викам Харкан, и откако ја напуштив Сирија, живеев во Либан. Но, и таму е ситуацијата очајна, особено кога си бегалец. Јас сум од градот Ар-Рахка, од Сирија, каде има и припадници на ИСИЛ, кои се немилосрдни. Во Либан бев новинар во ’Ал Ахбар’, и кога чув за можноста да се стигне до Германија, заминав за Турција на 1 септември, и им се приклучив на бегалците“, ми вели сирискиот колега, додека сонцето во Табановце, на македонско-грчката граница, уште пред 8 часот изутрина, најавува мошне топол ден.

Неговата сопруга Бараха вели дека е невозможно да се биде новинар во Сирија. „Во секој случај, некој секогаш ќе сака да те казни, да те убие“. Вели дека сакаат да одат во Белгија, зашто, според неа, и премногу бегалци ќе сакаат да влезат во Германија, што ќе стане дополнителен проблем. Откако чуле за вчерашните настани на српско-унгарската граница, решиле да одат преку Хрватска и Словенија, за да стигнат до Австрија.

За помалку од еден час во станицата Табановце, утрово пристигнаа два воза со околу 1.500 мигранти и бегалци. Полицаецот кој ми ги проверуваше акредитацијата и дозволата за снимање во Транзитниот пункт на самата железничка станица, ми вели дека името на едниот специјален воз му е дадено веднаш по почетокот на кризата, според потеклото на патниците, а за другиот, дека е купен уште од СССР, кога Горбачов бил претседател.

Машиновозачите кои се веќе една недела во штрајк, ги обвинуваат Македонските железници дека повикува пензионери-штрајкбрехери со што ги загрозува животите на патниците.

Како и да е, специјалните возови од Гевгелија на јужната, до Табановце, на северната македонска граница, секојдневно превезуваат стотици патници. Голем дел од бегалците пристигнува и со автобуси, а буквално, во временско растојание од по само неколку минути, на станицата во Табановце, пристигнуваат и полни такси возила со гевгелиски, но и велешки и разни други регистрации. Зголемувањето на нивниот број можеби се должи на намалувањето на цената. Пред мене, најстариот од четворица Ирачани, на таксистот му плати 150 евра за сите патници, иако до пред неколку денови, на мостот кај Сува Река, во Гевгелија, неговите колеги им бараа на бегалците и по 300 евра.

„Можете ли да ми помогнете? Сестра ми Султана (16) е тешко болна. Беше болна и во Сирија, таа е неподвижна и најмногу поради неа и тргнавме кон Германија. Гледате како роднините и пријателите ја носат, легната во чаршаф, многу е тешко качувањето и симнувањето од воз, па потаа вака, на раце, без инвалидиска количка“, ми вели деветнаесетгодишната Лорин. Откако и последните од групата од нивниот воз исчезнаа од видикот, решија сепак, да не ја чекаат количката од УНХЦР и како и досега - роднините ја кренаа болната Султана. И тргнаа кон Србија пеш. Се ракуваме со Лорин, која на заминување ми дофрлува дека е сигурна оти во Германија има доктори кои ќе ја излечат сестра и.

Одеднаш, покрај пругата остануваат само бегалците чии роднини или пријатели не успеале да се качат на возот, и кои сега со нетрпение ја исчекуваат следната композиција. Помладите најчесто одбиваат да бидат снимани или фотографирани, а на постарите, како веќе да им е сеедно. Во паузата меѓу возовите разговарам со „локалците“. Утрината во пунктот се само претставници на невладините организации и на Црвениот крст, полиција речиси и да нема. Сé се одвива по востановената рутина.

Сеад од организацијата „Влазнија“ (Братство) од Куманово вели дека 2,5 месеци се трудат да им помагаат на бегалците како што знаат и умеат, со вода, храна и облека, која ја донираат кумановци и скопјани, но и хумани луѓе „од Студеничани, до Швајцарија“. Според него, Македонија не се снашла најдобро околу бегалската криза на почетокот, но со донесувањето на новиот закон за бегалците - работите се консолидирале.

„Штом веќе не гинат луѓе по пругите и не одат пеш по патиштата, по неколку дена од граница до граница – подобро е! Организирано стигнуваат ваму, со возови, гледате и такси возила и автобуси, само ова посакпувањево на билети за воз, од 5 на 10, па сега, на 25 евра?! Греота е тоа, арам се тие пари! А и сé ова што се случува во Сирија, во светот, не можам да сфатам, кој и зошто ја предизвика сета оваа трагедија“, резимира Сеад.

Љубезната екипа од Црвениот крст на Македонија, со недели наназад им помага на бегалците. „Од јуни, кога е отворен пунктот во кој ги прифаќаме бегалците, се досега, ние сме секојдневно тука и им ги задоволуваме најосновните потреби - храна, пакети хигиенски производи и пакети за бебиња, имаме доктор и болничар... Моите лични впечатоци? Па, не сум работела досега со бегалци, но сум била и порано на терен, имам искуство, работиме колку што можеме, се снаоѓаме... Најтешко ми е кога ќе дојдат изнемоштени лица кои не го знаат јазикот, а им треба помош. Но, сепак, сега откако нема задржување, се е полесно, се симнуваат тука од воз, бараат и добиваат што им е неопходно и го продолжуваат патот кон српската граница“, ни вели младата Кристина Петровска, која тука работи од почетокот на кризата.

Меѓу бегалците се движи и една млада девојка, за која си помислив дека е новинарка, зашто отскокнува со имиџот од средината. Вели дека е од Холандија, но живее во Бугарија, и дека е граѓански активист. „Тука сум со колегата, ја следиме кризата со бегалците како дел од еден проект во Бугарија, гледаме што се случува, разговараме со луѓето, фотографираме, забележуваме...“, почна да објаснува Роза, кога се слушна звук на локомотива. Влегувањето на третиот воз во толку кус период, како да ги збуни и ретките новинари, кои се стрчаа да снимаат. Активистката Роза се загуби некаде во толпата.

Од возот кој застанува речиси на излезот од станицата, излегуваат нови бегалци. Дежурниот полицаец, од око проценува дека се околу 500, оти „толку збира ’Горбачов’„. Веќе видени сцени: детски плач, мажите им помагаат на жените и на децата, довикувања, препознавања, насмевки и разочарувања... Додека мал дел од бегалците, зема само по шишенце вода и веднаш заминува пеш кон границата, мнозинството останува во пунктот, да земе здив.

Десетици мажи трогателно креваат раце кон камионот од кој се делат леб и сендвичи, а жените, со мајчински инстинкт, заштитнички седнуваат на бетонот, во круг со децата. Една мајка тргнува да земе вода со бебе во рацете, сопругот и се пробива низ толпата кон камионот со леб, а нивната босонога, кадрава убавица, за момент е оставена сама, да седи на бетонската платформа, со сокчето в раце. И објективот се замаглува од напливот емоции.

„Студирав англиска литература во Идлиб. Сега, со сопругот, само сакам да стигнам до Германија. Немам планови, сé е чекор по чекор“, вели Манар Ал Халил, која со сопругот Ахмет, тргнала на неизвесното патување, иако знаела дека е бремена. „Сирија не е место за живот, нема сигурност, нема место каде можеш мирно да живееш, да раснат децата, да работиш, да создаваш нешто. Не сакаме да живееме во страв!“

Колега од Чешка ме прашува дали се враќам во Гевгелија или „приказната веќе се преселила во Хрватска“ и оттаму треба да се следи. Оптимистички му препорачувам да замине на унгарско-српската или српско-хрватската граница, но полицаецот до нас, одмавнува со главата. „Далеку ни е зимата, допрва ќе ги дочекуваме и ’Горбачов’ и ’Сирија Експрес’, нема се ова да стивне така лесно, ќе ни доаѓате вие новинарите пак тука“.

XS
SM
MD
LG