Линкови за пристапност

Трамп во центарот на втората републиканска дебата


Десетмина други кандидати му се придружија на милијардерскиот бизнисмен со недвижнини во соочувањето во претседателската библиотека на Роналд Реган, во Долината Сими, во Калифорнија.

Републиканскиот претседателски кандидат со најголемо водство, Доналд Трамп, имаше централно место на втората голема дебата на неговата партија во трката за номинација, соочувајќи се со рафал од обвиненија дека не е подобен да биде врховен командант.

Десетмина други кандидати му се придружија на милијардерскиот биснисмен со недвижнини во соочувањето во претседателската библиотека на Роналд Реган во Долината Сими, во Калифорнија.

Трамп го истакна своето искуство како бизнисмен за да ги предизвика неговите опоненти. Тој кажа дека има “феноменален темперамент” и историја во бизнисот што би му помогнало на светската сцена. Тој рече дека добро би се сложувал со светските лидери, вклучувајќи го и претседателот на Русија Владимир Путин.

Анти-вашингтонската реторика на Трамп заедно со заложбите да се истераат од државата 11 милиони илегални имигранти и напади на противниците, го кренаа во анкетите кај републиканските гласачи.

Истражувањето на јавно мислење на ЦБС-Њујорк Тајмс неделава покажа дека тој има 27 процентна поддршка, што е пред 23-те проценти за друг политички новодојденец, поранешниот неврохирург Бен Карсон.

Ниеден од другите конкуренти на сцената со Трамп и Карсон немаат регистрирано двоцифрена поддршка според анкетите.

На темата за иранскиот нуклеарен договор, сенаторот од Кентаки, Ранд Пол, и поранешниот гувернер на Флорида, Џеб Буш, кажаа дека следниот претседател не би требало веднаш да го отповика договорот.

Републиканската партија беше упорно против договорот постигнат од администрацијата на Обама. Неколкумина кандидати од оваа партија гласаа за негово отповикување, доколку победат за влез во Белата куќа.

Пол зазеде поинаков став, велејќи дека би било “апсурдно” веднаш да се укине договорот. Буш имаше исто мислење и кажа дека би ги зајакнал врските со Израел, потег за кој рече дека би креирал “поздрав одвраќачки ефект отколку било што друго “.

Марко Рубио сугерираше дека државата не може да ризикува да избере ново лице во политиката како Трамп да биде претседател. Тој посочи на закани, како северно-корејските проектили, руското навлегување во Украина и кинеските кибернетски напади. Тој кажа дека луѓето треба да ги испитаат кандидатите како Трамп за надворешната политика зашто “ова се исклучително опасни времиња”.

Трамп и Буш исто така се судрија на полето на имиграцијата. Буш побара од Трамп да се извини на неговата сопруга родена во Мексико и натурализирана Американка заради тоа што рекол оти таа влијаела на неговата политика во однос на имиграцијата. За возврат, Трамп го критикуваше Буш што зборувал на шпански во телевизиско интервју.

Трамп исто така ја бранеше својата позиција дека државјанство не треба да се дава автоматски на деца родени во САД. Тој кажа дека САД се “глупави” што дозволуваат тоа да се случува преку 14-от амамндман на уставот. Тој вети дека ќе го укине правото на државјанство заради раѓање во државата доколку биде избран за претседател.

Многумина од кандидатите ја искористија можноста да ја критикуваат демократската кандидатка и поранешна државна секретарка, Хилари Клинтон.

Претходно вечерта, Трамп беше мета во дебатата на републиканските кандидати кои немаа доволно поддршка да влезат во главната дебата за претседател, гувернерот на Луизијана, Боби Џиндал, сенаторот на Јужна Каролина, Линзи Грем, поранешниот сенатор на Пенсилванија, Рик Санторум, и поранешниот гувернер на Њујорк, Џорџ Патаки.

Првото гласање на долгиот процес на номинирање за претседател во САД нема да се случи пред 1-ви февруари, на кокуси во руралната сојузна држава Ајова.

XS
SM
MD
LG