Повеќе години во Македонија, градинките не се единственото место за згрижување на децата. Во услови кога за место во градинка се чека толку долго што децата ги надраснуваат, кога приватните градинки се толку скапи, што повеќето семејства не можат да си ги дозволат, на сцена стапува бебиситерството. Првата опција најчесто се најблиските – баби и тетки. Другата опција се домаќинки, стечајки, жени кои останале без работа како технолошки вишок кои преку огласи и агенции се нудат како професионални бебиситерки. Според податоците, во Македонија помалку од 20 проценти од децата на возраст од 0 до 6-годишна возраст се опфатени во градинките. Од друга страна пак, има повеќе од 50 илјади невработени жени постари од 40 години кои би можеле да се преквалификуваат во негувателки.
И во целата таа брканица, како да се заборава на прашањето – колку може да им се верува?
Има закон, но малку се почитува
Случајот со физичкото злоставување на 9- месечниот Дарјан, видеото што родителите по препорака на полицијата го објавија во јавноста, исфрли на површина уште една дилема која родителите треба да си ја постават пред да ги доверат децата на непознати – колку тие се безбедни?
Во Македонија постои Закон за заштита на децата, според кој жените што чуваат деца мора задолжително да имаат лиценца со која ќе докажат дека се здрави и способни да чуваат и да се грижат за децата додека нивните родители се на работа. Но, според Министерството за труд и социјална политика бројот на оние кои досега добиле такви дозволи е под 4.000. Во земјава има две агенции кои нудат вакви услуги, и каде вработените минуваат обука за ваква дејност.
„Тој што сака да чува дете, треба да е психофизички здрав, а тоа треба да го докаже со лекарско уверение. Задолжителна е и судската потврда дека не им е одземено родителското право, како и дека не се осудени за кривични дела поврзани со семејно насилство, негрижа и злоупотреба на малолетно лице, родосквернавење или дискриминаторско однесување. Предност е високо образование од Педагошки факултет, педагогија или дефектологија, да имаат потврда дека не се осудувани и да имаат препораки од претходни работодавци и да не им е изречена забрана за вршење професија, дејност или должност“, се дел од условите.
Но, кога побарувачката е поголема од понудата, родителите се одлучуваат за најмување дадилки на „црно“.
„Многу ми е поважен личниот впечаток. Оставам рок за да видам како ќе се приспособат со детето. Ги најдов по препораки. Лиценци не сум барала, а нема ни да барам, оти многу брзо можам да проценам дали дадилката е соодветна или не е“.
„Не може да се генерализира колку е доволно, затоа што различни жени нудат различен квалитет, а и секој нуди колку што има, па ако жената се нафатила да ја работи работата - тоа е тоа. Да, го доверуваш најмилото, а тоа е бесценето. Ама сепак тоа е работа“, велат нашите соговорнички чии деца се одгледани токму од вакви негувателки.
„Мене докторите ме советуваа до 5 години да не го носам во градинка, ако сакам да не навлече некои хронични заболувања, затоа што имаше многу проблеми со здравјето. Пред да имам деца тврдев дека нема шанси да дозволам да ми ги чува жена децата, мора да одат во градинка, затоа што тоа е најдобро за нив. Уште мислам дека е најдобро, ама ќерка ми ја запишував буквално секоја година, првпат кога имаше 1 година, и никогаш не прооде во градинка како што треба. Син ми прв пат го запишав на 8 месеци, потоа повторно следната година, и толку беше“, вели друга наша соговорничка.
Но, има и такви кои имаат негативни искуства.
„Нема шанси да дозволам жена детето да ми го чува. Како мали нас не чуваше една девојка. Си носеше друштво, внуката и внукот си ги хранеше со нашата храна, уште потсвесно ги изговарам нејзините заканувачки реченици кога сакам да заповедам, крадеше. Мислам дека градинката е подобро решение“, вели нашата соговорничка.
Негувателки преку агенции е најсигурниот избор
Цената на услугата на негувателките е различна, и зависи дали таа доаѓа преку агенција или по договор во четири очи. Но и од тоа, дали во дневниот ангажман е вклучена и грижа за домаќинството или само за детето. Па така, месечната плата на негувателка во домашни услови се движи од 7 до 15.000 денари, додека, колку за споредба, дневната грижа во приватните градинки е од 5 до 22.000 денари, а во државните градинки 1.490 денари.
За Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“, најновиот случај, треба да биде aларм за родителите да им се приклучат на иницијативата за која тие долго време се залагаат.
„Родителите треба да ни помогнат прво нам кои долго време се залагаме да се прошират капацитетите на градинките. Второ, да побараат од агенциите лиценцирани негувателки кои на професионален и квалитетен начин ќе одговорат. Третата форма е ако има голем број работнички, пред се во фабрики, компаниите да ги отстапат своите простори да може таму да се згрижуваат децата и тоа да биде повторно под ингеренции на Министерството за труд“, вели директорот на Меѓаши Драги Змијанац.
Тој признава дека згрижувањето дете од пријатели и роднини е секогаш ризичен. Најдобар избор се агенциите, каде освен обуката, се проверува досието, и криминалното, на негувателките. „Во конкретниот случај, да имале договор со некоја агенција или да го пратиле детето во некоја градинка, навистина ќе имале поголеми правни механизми како да се справат. Но, морам да нагласам дека храброста да се објави ова видео говори и за тоа дека и судството и полицијата мора да и` посветат сериозно внимание на снимката. Доколку таа се докаже дека е веродостојна, сериозно треба да биде земена предвид при конечната пресуда на судијата и да се земе како аргумент за што построго да се санкционира дадилката“, вели Змијанац.