Линкови за пристапност

Одбележување на Денот на независноста


„Зад нас се 24 години континуирана надградба на она што се оствари на 8-ми септември 1991“, изјави премиерот Груевски

„Од 8-ми септември 1991 година сме свои на своето. Сите теории дека Македонија е привремена држава, паднаа во вода“, изјави премиерот Никола Груевски, во пригодното обраќање, по повод 8 Септември, Денот на независноста на Република Македонија.

Според премиерот, од 1991-та досега „главниот предизвик е како подобро да се уреди животот и функционирањето на нашата држава, во рамките на демократските принципи, и како побрзо во секој поглед да ги достигнеме стандардите на заедниците во кои стремиме: ЕУ и НАТО“.

Груевски потенцираше дека Македонија имала и „успони и падови, залети и кризи, успеси и неуспеси, остварени и неостварени соништа, но државата се градеше и се движеше напред. Не секогаш исто и со посакуваната динамика, но зад нас се 24 години континуирана надградба на она што се оствари на 8-ми септември 1991“

По повод празникот, Груевски во редот на новите странски инвестиции кои се очекуваат, најави и вложување на неколку компании од САД: „Привршуваме со договарањата на нова фабрика на глобална американска компанија која неодамна ја најавив, а која е со седиште во САД, и планира капацитет во Струмица и отворање на околу 1.500 нови работни места, а свој влез неодамна објави и американската ’Леар’ со околу 3.000 лица во Тетово. „Анфенол“ во Кочани континуирано вработува, и со ново најавените дивизии во зоната Виница -Кочани, се очекува да достигне до 2.500 илјади вработени. „Гентерм" во Прилеп ќе ја почне изградбата на својата фабрика следниот месец, каде предвидува 2.000 вработувања. „Технохозе" ќе ја заврши втората фабрика во зоната во Скопје за давесеттина дена и ќе почне со нови вработувања, а „Еплленд" во Ресен треба да го заврши и отвори својот капацитет, каде постепено ќе се вработат околу 200 лица... Министерот Виктор Мизо е во финиш на разговорите со една американска компанија од автомобилската индустрија која треба да започне активности од почетокот на 2016 во скопската зона, со план да вработи над 500 луѓе... “, рече Греувски.

И претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски на свечениот прием синоќа, во пресрет на Денот на независноста истакна дека „референдумот од 8 септември 1991 година е нашата најголема современа победа, а изразената волја на граѓаните претставува заокружување на стремежите, принципите и сонувањата на генерациите од двата Илиндена. Денес, поради нас самите и евроинтегративните процеси, продолжуваме со реформите. Повторно е потребно политичките разлики да се подредат на клучните државни прашања. Нема поголема причина за единство, од Македонија и од иднината на нашите граѓани“

“Во овие 24 години верувам дека се направени многу позитивни работи кои се во корист на нашите граѓани... Дали можеше повеќе и подобро? Да, секогаш може. Но, сепак, мислам дека на ова може подобро да се одговори од една историска дистанца, односно да оставиме да не оценуваат генерациите кои доаѓаат после нас“, потенцираше Вељановски.

Денот на независноста им го честитаа на граѓаните на Македонија речиси сите политички чинители, од власта и опозицијата, како и организациите во дијаспората. Претседателот на СДСМ, Зоран Заев ја предводел делегацијата која положи цвеќе на гробот на првиот претседател на независна Република Македонија, Киро Глигоров, а потоа учествувал на празничниот пикник со граѓаните во скопско Драчево. Претставниците на власта пак, празникот го одбележаа со свечени отворања на нови градежни зафати Во Скопје градоначалникот Коце Трајановски, говореше на пуштањето во употреба на новата катна гаража „Тодор Александров“, а во Охрид, во пресрет на празникот беше пуштен во употреба новиот плоштад, на површина од 970 квадратни метри, со две фонтани и мал амфитеатар

На Македонците ширум светот 24-годишнината од независноста на Република Македонија, им ја честиташе Обединетата македонска дијаспора: „Во миговите кога го одбележуваме овој исклучително важен настан, треба да се потсетиме на нашите храбри предци, многу од кои го имаат дадено својот живот со цел да го остварат вековниот стремеж за слободна и независна македонска држава... Иако Македонија се соочува со сериозни предизвици, ОМД е сигурна дека постои енергија за нивно надминување. ОМД ќе продолжи да ја поддржува Македонија во своите потфати за гарантирање мир, стабилност и безбедност“.

Во чествувањето на празникот се вклучи и „Гугл“, кој денес за своите корисници од Македонија на почетна страница, како лого го има поставено македонското знаме.

На 8 септември 1991 година беа сооштени резултатите од референдумот на кој граѓаните со огромно мнозинство од 95% се изјаснија за осамостојување на Република Македонија, со позитивниот одговор на прашањето: „Дали сте за самостојна Македонија со право да стапи во иден сојуз на суверени држави на Југославија?“ На 25 јануари 1991 првото повеќепартиско Собрание ја усвои Декларацијата за независност, а на 17 ноември 1991 година, беше усвоен Уставот на независна Република Македонија. Македонија има воспоставено дипломатски односи со 155 држави во светот, од кои, под уставното име ја признале 113 држави, меѓу кои и три од членките во Советот за безбедност - Кина, Руската Федерација и САД.

XS
SM
MD
LG