Линкови за пристапност

Заев не се појави и на второто рочиште


Повторно одложување на судскиот процес за аферата со прислушкувањето

Лидерот на СДСМ Зоран Заев денеска повторно не се појави во судот, со што беше одложено и второто рочиште за судскиот процес за аферата со прислушување.

Судијката Љубинка Башевска, која на минатото, прво, рочиште на 5-ти август, најави дека доколку Заев и натаму не се појавува, ќе биде стражарно приведен, денеска таа само констатираше дека Заев, кој е четвртообвинет во случајот „Пуч“, уредно ја примил поканата.

Но, Обвинителството за организиран криминал и корупција побара, наместо мерката повремено да се јавува во струмичкиот суд, на Заев да му се изрече мерка на претпазливост – одземење на пасошот. До следното рочиште, закажано за 5-ти октомври, за овој предлог треба да одлучи Кривичниот совет на Одделението за гонење организиран криминал и корупција на Основен суд Скопје 1.

За одбраната на Заев, предложената мерка е поприфатлива од претходната, за нив „бесмислена“.

„Сосема е во ред да се задржи мерката за безбедност за одземање на патната исправа, бидејќи шетањето до судот во Струмица е веќе бесцелно“, рече адвокатот Ангеле Илиевски, додавајќи дека ќе бара одложување на судењето се` до изборот на специјалниот обвинител како дел од договорот во Пржино за излез од политичката криза, што треба да се случи до 15 овој месец.

„Веќе треба да размислуваме за специјалниот обвинител кој ќе ја преземе оваа целокупна работа, така што овој суд не може да биде надлежен. Останува да видиме и да го следиме политичкиот развој, односно правниот развој во Собранието, па потоа евентуално да го кажеме нашето мислење“, рече Илиевски.

Во судскиот процес „Пуч“, покрај лидерот на СДСМ, Зоран Заев, обвинети се и поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, Зоран Верушевски, неговата сопруга Соња Верушевска, службеникот во Општина Струмица, Бранко Палифиров, и функционерот во Министерството за внатрешни работи, Ѓорѓи Лазаревски, за „шпионажа“ и „насилство спрема државни функционери“.

XS
SM
MD
LG