Линкови за пристапност

Професорката Тренеска – Дескоска предложена за потпретседателка на парламентот


Поради нанесените штети во образованието, СДСМ бара укинување на екстерното тестирање

Пратениците на опозицијата следната недела активно ќе се вклучат во работата на парламентот, откако денес и утре ќе заврши процедурата за нивно именување во собраниските работни тела.

Професорката Рената Тренеска – Дескоска (СДСМ) е предлог на опозицијата за потпретседателка на Собранието, а за претседатели на комисиите за спроведувањето на посебната истражна мерка за следење на комуникациите од МВР, Управата за финансиска полиција, Царинската управа и Министерството за одбрана и за следење на работата на Управата за безбедност и контраразузнавање и на Агенцијата за разузнавање, опозицијата ги предложила Горан Мисоски (НСДП) и Хари Локвенец (СДСМ).

„Пратеничката група на СДСМ ни ги достави предлозите за претседатели и за членови на комисиите. Тие добија податоци во која комисија колку слободни места има и ние сега мора да ги усогласиме податоците. Ако не стигнеме оваа недела, седница на Комисијата за избори и за именувања ќе свикаме најдоцна до среда идната недела и ќе ги изгласаме пратениците од СДСМ за членови на комисиите“ , изјавил претседателот на Комисијата за избори и за именувања, Зоран Илиоски од ВМРО-ДПМНЕ, откако пратеничката група на најголемата опозициска партија, која се врати во Собранието по 15-месечен бојкот, ги поднела предлозите за претседатели и за членови за комисиите

Кабинетот на претседателот на Собранието Трајко Вељановски соопшти дека по одржувањето седница на Собраниската комисија за прашања на избори и именувања, на која треба да се утврдат решенијата за потпретседател на Собранието, претседатели на комисиите што ќе ги води опозицијата и за пополнување на испразнетите места во собраниските комисии и тела, за утре е закажана собраниска седница.

Според најавата на координаторот на пратеничката група на СДСМ Горан Сугарески, опозиционата коалиција, секои три недели ќе поднесува најмалку по три закони за подобрување на животот на граѓаните и на состојбите во Македонија. Тој во Собранието соопштил дека неговата партија предлага пет закони за чие итно донесување ќе инсистира во парламентот: закон за контрола на трошење на буџетските пари со кој граѓаните би имале увид во трошењето на нивните пари и би се избегнале злоупотреби и корупција, закон за зголемување на минималната плата од 9.500 на 11.000 денари и три закони за укинување на контроверзните екстерните испити, со кои, според него, „се направени големи штети во образовниот систем“, а кои предизвикаа и улични протести за засегнатите ученици и нивните професори и родители.

Сугарески потенцирал и дека враќањето на опозицијата во законодавниот дом е исклучиво поради договорот што ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ДПА го склучија со посредство на меѓународната заедница.

XS
SM
MD
LG