„Овие локални политички актери не заслужуваат и понатаму да се рехабилитираат себеси со нивното актерство дека праваат големо жртвување за постигнување на договор што самите го имаат претходно уривано. Македонија има потреба од сериозен и ургентен пристап при разрешувањето на политичката криза, бидејќи во спротивно, актерството ќе доведе до сериозни последици за земјава”, се вели во соопштението Националната демократска преродба, партија чиј поранешен претседател Руфи Османи е еден од најхаризамтичните лидери на етничките Албанци во Македонија.
НДП побара ургентна интервенција на меѓународната заедница, особено на САД, за реализација на сите точки од потпишаниот „Договор од Пржино“, бидејќи, како што се наведува во соопштението, секојдневните игри на локалните политички актери ја уништуваат надежта дека нешто може да се поправи во Македонија и дека ваквото однесување е „на штета на граѓаните и на земјата како целина“.
Ова е само една од низата реакции во медиумите, во последно време, во кои, политичари и одделни експерти изразуваат скепса во поглед на позитивниот иасход на преговорите на четирите најголеми партии во Македонија, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, односно, ДУИ и ДПА, за надминување на повеќегодишната, длабока политичка криза
Во медумите се објавуваат песмистички ставови и резерви во поглед на преговорите, а се отвори и прашањето дали враќањето на опозицијата во парламентот на 1-ви септември, ќе значи и какво-такво заживување на демократските процеси.
Досегашните преговори на најголемите политички партии - по две од македонскиот и од албанскиот блок, под посредство на претставници на меѓународната заедница, се одвиваат зад затворени врати и не оставаат впечаток во пошироката јавност дека има поместување од мртвата точка на која со години наназад, со своите децидни и крајно антагонизирани ставови, се наоѓаат власта и опозицијата.
Враќањето на СДСМ и на коалиционите партнери во вторник во Собранието, мнозинството на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ го „одбележа“ со Риплиевска ефикасност. И покрај сите критики за непочитување на процедурата за носење закони од граѓанскиот сектор, само на една собраниска седница, во три предолженија, се усвоени дури 65 закони по скратена постапка , без вистинска дебата. Според Македонскиот центар за меѓународна соработка, само пет од тие закони, кои се однесуваат на проблематика од областа на економијата, финансиите, правдата, земјоделството, културата..., се објавени на Единствениот електронски регистар на прописи (ЕНЕР), а при усвојувањето на ниту еден закон не е почитуван минималниот рок од десет дена за консултации со јавноста.
Невладините организации во медиумите реагираат дека за помалку од една работна надела, токму наспроти враќањето на опозицијата во Собранието, се усвоени над 350 закони.
Од друга страна, во исчекување на една од точките околу која власта и опозицијата со години кршат копја, а за која ќе се разговара од следната недела - одност кон медиумите, нерешени остануваат двете главни досега разгледувани теми: специјалниот обвинител и гласањето на дијаспората.
Околу специјалниот обвинител, ниту претставниците на политичките партии, ниту белгискиот експерт Питер Ванхоут, ирскиот олеснувач Џејмс Хамилтон и американскиот обвинител за организиран криминал и корупција Џон О`Саливен, не дадоа официјална изјава дали има некаков напредок во преговорите, иако според „Договорот од Пржино“, што го потпишаа сите партии, тој треба да биде избран најдоцна до 15 септември. Според медиумите, ВМРО-ДПМНЕ настојува обвинителот да се избере од постоечките обвинители и во рамките на сегашниот закон, додека СДСМ инсистира на посебен закон.
„Ставот на СДСМ е јасен и познат на јавноста, а тоа е нов специјален јавен обвинител со целосна автономија, кој ќе го испита нелегалното прислушување и сите дела што произлегуваат од материјалите“, реагираше опозиционата партија на медиусмките шпекуалции дека е договорено и специјалниот обвинител да биде од редот на актуелните обвинители.
И додека опозицијата инсистира и на изедначување на бројот на гласовите со кои се избираат пратениците од дијаспората со оние на пратениците од Македонија, премиерот Никола Груевски на средба со претставници на македонските иселеници во Австрија потенцираше:
„Македонците кои се иселени од Република Македонија, кои што многу помагаат на своите блиски во Македонија, кои што со душа и срце сакаат да и помогнат на Република Македонија и секогаш кога имаат прилика го прават тоа, (треба – н.з) да имаат барем симболично учество во креирањето на политиките, да имаат свое учество преку давање на свои идеи, барања, предлози и критики преку свои претставници. Реков симболично, затоа што имаме еден претставник од Европа, еден од Америка и еден од Австралија, и ако мене ме прашувате, јас сметам дека бројот на претставници треба дури и да поголем, меѓутоа засега, немаме единство по тоа прашање во државата, меѓу политичките партии“.
Груевски им вети на иселениците дека ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи да се бори „барем овие три пратеници коишто сега ги имате, да продолжат, и на тој начин, граѓаните на Македонија што живеат надвор од државата да гласаат на избори и да имаат свои претставници и на тој начин на учествуваат во политичкиот живот во Македонија“.
Пред почетокот на преговорите за медиумите на 2-ри септември, во кои неофицијално, би можеле да бидат вклучени и Здружението на новинари на Македонија - ЗНМ, невладините организации, синдикалните здруженија и видни професионалци, се прогнозира дека главна точка ќе бидат промените кои треба да се направат во Македонската телевизија и во Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.
Иако досега е исполнето само едно од барањата од извештаите на Европската комисија - мораториум на владините реклами во медиумите, ЗНМ се надева дека ќе се издејствува забрана на политичкото рекламирање во најмоќните медиуми, за да се спречи клиентелизмот меѓу медиумите и политичките партии, односно да се намали политичкиот притисок врз слободата на медиумите.