Со засилувањето на полициското обезбедување на грчката страна од македонско-грчката граница кај Гевгелија, мигрантите во помали групи пристигнуваат во Македонија, за потоа, со вонредните возови од железничката станица или со автобуси и такси возила од мостот кај Сува Река, да продолжат на север кон границата со Србија. Предност имаат жените и децата и изнемоштените лица.
Според проценките на УНХЦР искажани во изјавата на портпаролката Мелиса Флеминг, и понатаму дневно низ Македонија ќе транзитираат по околу 3.000 мигранти, а според медиумските извештаи околу 400 мигранти утрово заминале од прифатниот камп во Гевгелија со воз. Транспортот и на останатите мигранти денес се одвивал без проблемите кои постоеја минатата недела и викендот и, се чини, дека е воспоставена координација на теренот на сите засеганати страни и на институциите на системот, па така, Црвениот крст дели пакети со храна, лекарските екипи им укажуваат помош на мигрантите им била укажана посебна здравствена помош,а анагажираните полициски сили ја одржуваат мирната состојба на границата.
Официјално, според македонското МВР, од 19 јуни на влез во Македонија се регистрирани 46.706 бегалци - 32.307 се мажи, 6.393 жени и 7.259 деца. Од нив, само 49 лица побарале да останат во Македонија. Најголемиот дел се од Сирија - 37.008, Авганистан – 2.134, Ирак – 2.121, Пакистан – 1.389 и Сомалија – 564.
Иако и во Гевгелија и на Табановце, ситуацијата денес е мирна, во медиумите и понатаму се потенцира дека на Македонија и на Балканот им е потребна помош на ЕУ за мигрантската криза, зашто се очекуваат нови стотици илјади бегалци од кризните подрачја.
„Кризата покажа дека Македонија е на главниот европски коридор кон Блискиот Исток и Северна Африка, иако, за жал, земјата се` уште не е членка на ЕУ. За дипломатијата ќе биде клучно интензивно да информира за мигрантската криза во земјите кадешто се акредитирани (амбасадорите – н.з) и да овозможат дневна координација меѓу безбедносните, разузнавачките и хуманитарните институции на Република Македонија, на Европската унија и земјите-членки“, потенцирал и претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов на неодамнешната средба со шефовите на македонските дипломатско-конзуларните претставништва на Република Македонија во странство, во рамки на Амбасадорскиот совет организиран во Министерството за надворешни работи.
Според соопштението на Кабинетот на македонскиот претседател, тој истакнал и дека мигрантската криза не може да се реши со бирократски средства и дека е потребна сериозна акција и организиран европски одговор за нејзино дневно управување. Иванов се осврнал на безбедносните, економските и хуманитарните аспекти на кризата и нагласил дека кон сите нив треба да се пристапи со сериозна анализа за да се преземат соодветни чекори. Според Иванов, Македонија се соочува со закани што бараат развој на сосема поинаков систем за информирање на сите надлежни субјекти вклучени во сферата на безбедноста:
„Специјалната војна на Исламската држава и водењето на пропаганда во остварување на нивните интереси, бара соодветен одговор содржан во еден таков систем за информирање“.
Засега, ЕУ најави дека Балканот може да очекува директна помош од осум милиони евра, што ќе се распределат за Македонија, Србија и Турција, што ќе можат да ги користат од септември.
Но, земјите во регионот засегнати од напливот мигранти, најавуваат и соседска соработка. Бугарскиот министер за надворешни работи Даниел Митов, кој неодамна во Скопје со колегите од Македонија и Албанија, Никола Попоски и Дитмир Бушати, ја потпиша Декларацијата за патна и за железничка соработка, најави помош за Македонија за справување со мигрантите. „Бугарија ја поддржува Македонија во евроатлантските интеграции и очекувам Европа да ги покаже принципите и механизмите на солидарност и на одговорност и да помогне во надминувањето на проблемот со мигрантската криза. Бугарија веќе има примено илјадници мигранти и кон нив има третман согласно сите конвенции и договори. Мора заеднички да соработуваме за да се соочиме со големиот мигрантски притисок“, изјави Митов во Скопје.